Попладнево тргнува и четвртото коло од Лигата на шампионите. Турнирот влегува во одлучувачка фаза и тимовите со амбиции за пласман понатаму повеќе немаат право на грешки.
Програмата започнува со два натпревари во 18:45 часот. Наполи на нашиот Елиф Елмас е домаќин на Ајнтрахт Франкфурт и ќе мора да дојде до победа со оглед на тоа што веќе има два порази и се наоѓа на 22-та позиција.
Арсенал гостува во Прага кај Славија и е еден од петте тима со максимален ефект по првите три кола. „Топчиите“ се во серија од 9 победи во сите натпреварувања и ќе се обидат да ја продолжат низата и во чешката престолнина.
По 21 часот не чекаат две извонредни деби пресметки. Бранителот на трофејот од минатата сезона, Пари Сен Жермен ќе биде домаќин на Баерн Минхен. Двата тима играат беспрекорно од почетокот на турнирот, а се и лидери и во своите домашни првенства.
Покрај овој дуел, фокусот ќе биде и на пресметката меѓу Ливерпул и Реал Мадрид кои се исто така меѓу големите фаворити во најпрестижното клупско натпреварување. „Црвените“ направија чекор кон надминување на кризата со победата над Астон Вила викендов, но заостануваат седум бода зад лидерот во Премиер лигата, Арсенал. Реал Мадрид, пак, ја победи Валенсија со 4-0 и одржува пет бода предност пред Барселона во Ла Лига. Двата тима се сретнаа и во Лигата на шампионите минатата сезона, каде што „црвените“ победија со 2-0 на „Енфилд“.
Во останатите дуели, Јувентус под водство на Лучијано Спалети, ќе брка победа на домашен терен против Спортинг Лисабон, Тотенхем е домаќин на ФК Копенхаген, Атлетико Мадрид ќе бара победа дома над белгиски Ројал Унио, а Бодо/Глимт и Монако кои се еден до друг на табелата ќе се сретнат во Норвешка.
Олимпијакос вечерва ќе го пречека ПСВ Ајндховен.

