Мајка на две деца од Аризона има среќа што е жива откако таа и нејзините две ќерки биле нападнати од пчели-убијци за време на семејна фотосесија. Пожарникарите и медицинските служби на Аризона соопштија дека неименуваната мајка ги носела своите деца до автомобилот во близина кога ги преплавиле пчели.
Нејзината брза реакција ги спасила децата од убодите, но жената претрпела повеќе од 75 убоди од пчелите и завршила во локалната болница каде закрепнала.

На видеото од местото на настанот се гледаат екипи од пожарникари кои прскаат пена над теренецот додека пожарникар брза да извлече едно од девојчињата од автомобилот.
Како што се наведува помошта ја испратила бабата на девојчињата, која го пријавила нападот кај диспечерот во Феникс, пишува Дејли мејл.
„Ве молам побрзајте, ве молам побрзајте“, рекла таа.
„Мојата ќерка не може да влезе во автомобилот. Ја напаѓаат пчели, испратете помош“, гласела пораката испратена до итната помош.
Кога пристигнале екипите, користеле пена за да ги „растераат пчелите“ пред да ги извлечат децата од автомобилот.

Арон Лорти, сопственик на компанијата АЗ Би Кингс, рекол дека пчелите-убијци се особено активни овој период од годината. „Околу овој период од годината, тие опрашуваат, бираат нови места, се ројат“, изјавил тој за ФОКС 10 Феникс.
Само еден убод, рече Лорти, ги остава феромоните да им сигнализираат на другите да нападнат.
„Штом еднаш ќе ве искасаат и ќе се обидете да побегнете, целата кошница ќе се обиде да дојде по вас.
Ако немате среќа и ве нападнат пчели убијци, експертите советуваат да трчате по права линија, да го покриете лицето и да барате засолниште. Исто така, не треба да се обидувате да влезете во водата, бидејќи „пчелите ќе ве чекаат да излезете за воздух“. И уште еден совет: „Колку повеќе мавтате со рацете, толку повеќе ќе бидат околу вас.“