Лауреатот на „Браќа Манаки“, Едвард Лакман, одржа мастер-клас во Битола

18.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лауреатот на „Браќа Манаки“, Едвард Лакман, одржа мастер-клас во Битола

Покрај проекциите кои почнуваат од 10 часот наутро и траат се’ до полноќ, на фестивалот „Браќа Манаки“ се одржуваат и голем број други дополнителни настани.

Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинешното јубилејно издание на „Браќа Манаки“, модериран од неговиот колега и стар пријател на фестивалот, Најџел Волтерс од кинематограферската асоцијација ИМАГО.

Предавањето на Лакман не го пропушти ниту Фатих Акин, кој дојде да слушне повеќе детали од мајсторот на камерата.

Денешната мастер класа беше вистински разговор меѓу големите затоа што присуствуваа и режисерот Џим Шеридан и британскиот кинематографер Џон Метисон, два пати номиниран за Оскар за филмовите „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“.

Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Пол Рене Ростад и Рајнер Клаусман.

Публиката која што ја исполни Малата сала на Центарот за културата до последното место на почетокот од мастер-класот имаше прилика да види репрезентативен видеоклип со сцени од десетина филмови потпишани од Лакман како кинематографер.

Тој работел со водечките филмски автори на преминот на двата века, како Тод Хајнс, Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, Урлих Зајдл…

Лакман е роден во Њу Џерси, САД, и како млад посетувал уметничко училиште, а потоа посериозно се заинтересирал за филм.

„Започнав да снимам документарци, а дури и ми плаќаа за тоа“, Лакман низ шега се присети за неговите почетоци во филмот.

Еден од неговите први документарци бил за дом за лечење на зависници од дрога во САД, а следните 3-4 години години работел како оператор-снимател на втората камера на филмските сетови. Снимањето и режирање документарни филмови му останале посебна љубов и страст.

„Пристапот на камерата во документарците е поинаков од играните, но има случаи, како во филмовите „Експорт-импорт“ и „Рај: љубов“ на Урлих Зајдл, чиј што кинематографер бев јас, каде што тешко можете да повлечете линија меѓу фикцијата и документарното“, посочи Лакман.

На прашањето на модераторот Волтерс за неговите почетни искуства со европскиот филм, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.

Интересни беа и неговите размислувања околу црно-белиот и филмот во боја.

„Црно-белата филмска лента функционира со поинакво зрно и експозиција на фотографијата. Денес можете да снимите филм во колор, а потоа во студиските лаборатории со дигиталната техноилогија да го направите црно-бел, но нема да го добиете истиот ефект“, вели Лакман.

Тој вчера имаше и средба со студентите каде зборуваа за стручните аспекти на кинематограферската работа.

Синоќа во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година започна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовираше својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

Вечерва, публиката во Битола премиерно ќе го види филмот „Медена земја“ кој се прикажува во рамки на фестивалската програма.

 

 

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата