Како се славеле Божик и Нова Година под окупација и по ослободувањето на Македонија

23.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Како се славеле Божик и Нова Година под окупација и по ослободувањето на Македонија

– Во дваесеттите години на минатиот век, Божик се третирал како главен празник, а дочекот на Нова година речиси воопшто и не се спомнува како празник.

– За време на Втората светска војна, весникот „Целокупна Б’лгарија“, на пример, својот број од 31 декември 1942 година целосно му го посветува на празнувањето на Новата година, подарувајќи им на читателите ѕиден календар за Новата 1943 година

– По ослободувањето, сосема го снемува Божик а Новата година се спомнува само во новогодишните говори на Тито и во бирократските меѓусебни телеграфски честитки на политичарите, со посебен осврт на „големите успеси на народот, народностите и работничката класа.“

Пишува: Блаже Миневски

„Македонската народна банка, клон во Скопје, им ја честита Новата година и Рождество Христово на „сите Македонци, посакувајќи им здравје, среќа и напредок во работата“.

Веднаш да кажеме дека станува збор за честитка објавена во весникот „Целокупна Б’лгарија“ во бројот од 31 декември 1942 година. Притоа, со специјалниот број на весникот, кој излегувал во Скопје за време на Втората светска војна, читателите добиле и подарок – ѕиден календар за Новата 1943 година! Во весникот се објавени и голем број честитки на „фирми“, како слаткарниците „Принцеза“, „Јагода“ , „Варшава“ и „Милка“, но и хотелите „Турист“ и „Сплендид“, книжарниците „Раковски“ и „Светлина“, кино-театарот „Уранија“, Италијанскиот културен институт, ресторанот „Црвени петли“ и други.

Скопскиот народен театар на своите посетители, влубеници во театарот им ја честита Новата година со следниве зборови: „Да биде благословена и да донесе целосно остварување на идеалите на целокупниот бугарски народ. Тоа од срце на патриотското скопско граѓанство му го посакува Дирекцијата на народникот театар.“

Во специјалниот број на весникот објавени се и уште десеттина други празнични прилози на кои посебно ќе се навратиме во продолжение на текстот.

„Човекот кој го изгубил календарот“

Според списокот на весници што излегувале за време на Втората светска војна, окупацијата речиси целосно ги загушила сите предвоени изданија во тогашна Кралска Југославија. Во Белград, на пример, продолжил да излегува само весникот „Ново време“ но под силна нацистичка контрола.

Така, во пресрет на Новата 1942 година, на насловната страница на овој весник, Јозеф Гебелс им се заканува на Рузвелт и Черчил, предупредувајќи дека „болшевичкото чудовиште, кое сакаат да и го испорачаат на Европа, ќе ги проголта нивните народи“, а на втората страница е Геринг со своите наредби.

Дури на третата страница претпазливо се појавува податок дека „две новородени машки дечиња први им посакале Среќна нова 1942 година на Белграѓани“, а потоа се објавува и репортажа за еден необичен Белграѓанец, некој си наредник Црњански, кој се капел во Сава.

Во текстот под наслов „Човекот кој го изгубил календарот“, наредникот Црњански е сликан како плива во ледената вода додека зад него се гледаат остатоците од мостот „Крал Александар“, урнат на почетокот на војната. Сепак, без оглед на военото време, дел од весниците кои излегувале, посветиле одреден простор на новогодишната прослава па „празничната“ атмосфера може да се следи преку огласите во кои луѓето меѓусебе јавно си го честитаат празникот со најубави желби за претстојната година. И во таа воена 1942 година бил објавен посебен Божиќен приолог со наслови за тоа дека големиот празник е обележан „скромно ама свечено“.

Во окупирано Скопје, на пример, според информациите објавени во скопскиот дневен весник „Целокупна Б’лгарија“, празнувањето на Божик е поврзано со организирање на разни дарителни акции. На насловната страница на 26 декември 1942 година објавена е вест за празнична посета на Германската воена болница: „Вчера напладне околу 50 ученички и ученички од младинскиот Црвен крст при училиштето „Кнез Симеон Трновски“ во Скопје, претежно деца на железничари и бежанци предводени од своите раководители и од г-ѓа Мартинова, како претставничка на родителите на децата, ја посетија Германската воена болница. На сите германски војници, децата им подарија цигари, овошје, слатки, банички и друго по повод празникот Рождество христово.“

Следниот ден во пресрет на празникот објавена е информација за собраната помош за бежанските семејства во Скопје, со список на дарувања од страна на побогатите скопски „бизнисмени“. Според списокот на дарувања, трговците Коста и Антон Сапунџиеви дале 20 000 лева, трговците браќа Стојанови – 10.000 лева, киното „Вардар“ – 11.500 лева, Ставре Јовчев, трговец на колонијална стока – 8000 лева, а трговците Стефан Лазаров и Џартов-Митов приложиле по 5000 лева. Со сума од 4000 до 2000 лева за стотиците бежански семејства во Скопје за Божичките празници одвоиле и трговците Спиро П. Трајков, Бојан Зафиров, Васил Наумов, Тодор Анчев, Иван Павлов, Крсто Магдинчев, Трифон Трпков, Трајко Здравков, Стерија Атанасов и други.

Честитката на министерот за внатрешни работи на Бугарија!

Весникот „Целокупна Б’лгарија“ на 31 декември 1942 година целосно е посветен на празнувањето на Новата година. Објавени се неколку текстови со честитки, а весникот на читателите им подарува и ѕиден календар за Новата 1943 година, со информацијата „секој што ќе купи весник да бара продавачот заедно со весникот да му даде и бесплатен календар“. Директорот на весникот, Никола Коларов, во својот текст се осврнува на изминатата 1942 година но ги бележи и главните очекувања од претстојната 1943 година, истакнувајќи дека „Македонија веќе е покриена со патриотски, професионални, просветни и други организации, образованието е ставено на здрави нозе, враќајќи го егзархиското време меѓу учителите, учениците и народот“.

Во завршниот пасус на својот празничен, пропаганден текст, Коларов меѓудругото вели: „Пред прагот на новата година единствена е молбата кон Бога – секогаш да ги има под своја заштита Бугарите, да ја чуваме Бугарија и да победиме!“

Генерал-мајорот Бојдев под наједноставниот можен наслов – годината што претстои напипшана со бројки, – меѓудругото пишува дека „новата година навестува почеток на нова надеж, радост и среќа“, додавајќи дека „измина една календарска година во слобода, творештво и општ напредок“.

Во својот текст објавен во курзив, генералот Бојдев во продолжение пишува:

„Ни претстојат многу задачи, нов подем и нови предизвици. Да си подадеме рака од сите краишта на обединетата и необединета татковина, и , гледајќи во светлата иднина, да ја зацврстиме светлата перспектива на татковината… Оваа година Бог да даде да биде најсреќната од среќните години, нека донесе радост во секоја куќа, каде и да се наоѓа. Честита нека биде на сите!“

Се разбира на насловната сраница е и пораката на Димитар Раев, областен директор за окупирана Македонија, кој честитајќи ја новата година, истакнува „Настапува Новата 1943 година која ќе донесе победа за силите на Оската“, завршувајќи со „честита Нова година“.

Можеби најинтересно е тоа што главниот празничен текст, објавен во ударниот лев агол на насловната страница, во самиот горен агол, е текстот со фотографија на министерот за Внатаршени работи на фашистичка Бугарија, Петар Габровски. Зошто честитката на Габровски, министер на полиција, била третирана за најважен прилог во весникот? Веројатно затоа што полицијата била главен фактор за „среќа“ во Македонија па министерот едноставно, во нејзино име, во има на „општата среќа“ на македионскјиот народ му посакува „да се обединиме околу својот сакан вожд неговото Величество Цар Борис Трети со уште поголема волја и дисциплина, да ги заборавиме личните грижи и неволји и да работиме напорно за Бугарија“. Завршувајќи го текстот со тоа дека на тој начин „ќе изградиме напредок и багосостојба на татковината и своја лична среќа и благосостојба, и ќе бидеме достојни на својот вожд и обединета Бугарија! Честита 1943 година!“

Сепак, се чини, најпривлечен прилог на првата страница од весникот на Коларов е карикатаурата на која е прикажано замислено македонско семејство кои очигледно е собрано да слави Нова Година, а на софрата стои некаква свинска глава и празни чинии.

Кафеаната „Црвени петли“ на мажите им посакува среќнокукурикање а на жените повеќе јајца!

Во својот празничен број во пресрет на Новата 1943 година, весникот „Целокупна Б’лгарија“, на речиси половина петта страница, објавува текст со три фотографии на кои се гледаат деца од детските градинки и дневните детски домови, потпишан од Цеко Стефанов, кој, меѓудругото, пишува дека државата води голема грижа за децата во Македонија и дека децата, идни инжинери и техничари, во блиска иднина, наместо со рало, нивите во Овчеполието и Кумановско ќе ги ораат со трактори!

Опишувајќи ја празничната атмосфера и коледарските обичаи во овие домови, Стефанов во продолжение подвлекува: „ Денес, последниот ден од Старата година, во салонот на училиштето „Кнез Симеон Трновски“, децата од детската од градинка пеат „Ајде кај Коледарскиот оган…“, завеста се тргнува, елката е накитена со свеќички, а на сцената едно девојченце стои пред јаслите во кои има една кукла…Тупотат детските срца. Дедо Коледе раздава подароци… Дедо Коледе им донесе се што посакуваа…“

И во празничниот број, посветен на Божик и Нова година во „ослободена“ Македонија, а во духот на бизнисот и профитот, весникот донесува и дваесеттина реклами на разни хотели, слаткарници, модни магацини и други фирми, кои се рекламираат честитајќи ги празниците. На пример, слаткарницата „Европа“ на сите свои клиенти им го честита Божик и Новата година, а веднаш до неа празниците им ги честита и тутунската фабрика „Вардар“, која во рекламата, заедно со честитката, на своите клиенти им соопштува дека на пазарот за празниците ги пушта во продажба цигарите од екстра-класа „Струмица“, но и цигарите од прва категорија „Македонија“, од втора – „Охрид“ и од трета категорија „Морава“.

Освен бројните слатакарници, Новата 1943 година на своите клиенти им ја честита и кафеаната „Црвени петли“, која, бездруго, на мажите им посакува среќно кукурикање а на жените повеќе јајца. Во тескт за обичаите во пресрет на Новата година свој авторски текст објавува и Христо Вакалерски, пишувајќи дека меѓу многуте „обичаи за дочек на Нова година“ посебно место заземаат разните ритуали за „к’смет“ и „среќа во годината што доаѓа“, како што е ставање дреново гранче врз жар, па чии гранче ќе скокне, тој ќе биде здрав, а чие нема да скокне – тој ќе боледува:

„Од разните други обичаи, – пишува Вакарелски во специјалниот број на весникот од 31 декември 1942 година, – посебно треба да се издвои народниот обичај на новогодишната трпеза да се принесува печена свинска глава или папци. Според нас, веројатно станува збор за остаток од стари римски или грчки обичаи, како на народот му останувале само ушите и папците. Сфатени во целина, новогодишните обичаи, всушност претставуваат едно повторување на Коледарските и Бандикарските традиции, кои, заедно со Водици, претавуваат една заедничка новогодишна група обичаи.“

Слободата го избриша Божик од календарот!

По Втората светска војна, по ослободувањето на Македонија, власта сосема го менува третманот кон празниците, особено кон таканаречените верски празници. Кога денес се прелистуваат весници од тие времиња, на пример, од 1953 година, може да се види дека односот кон празниците зависи од ставот на Партијата. Притоа, Новата година станува празник релативно рамен со државните празници а Божик веќе сосема исчезнува, го снемува. По ослободувањето на Македонија, барем според весникот „Нова Македонија“, целосно било избришано празнувањето на Божик, а Нова година како празник се препознава само по долгите, шаблонизирани новогодишни говори на Тито и по меѓусебните бирократски телеграми со честитки на политичарите.

Во пресрет на 1948 година, на пример, во бројот од 31 декември 1947 година, нема никаква информација за славењето и празнувањето на Нова година, а во бројот од 1 јануари, на целата прва страница е објавен говорот на Тито поврзан со успесите од претходната и очекувањата од Новата година. Како што може да се види, страницата започнува со наднасловот „Среќна Нова 1948 година“, а потоа доаѓа насловот „Говор на маршал Тито преку Белградското радио во почетокот на Нова година“. Во дното на страницата објавена е и телеграма на Лазар Колишевски до Тито, во негово и во име на македонскиот народ. А народот во весникот го нема никаде, односно нема никаква информација за тоа како се празнувало и дали воопшто се празнувало доаѓањето на новото, трето лето на слободата. Прелистувајќи ги броевите од 6, 7 и 8 јануари 1948 година се уверивме дека Божик не се спомнува ниту со еден збор, како да не постои.

Сосема ист третман се повторува и во следните години, па така, на 1 јануари 1950 година, „Нова Македонија“ повторно објавува само „Новогодишен говор на Тито“ и купишта разни телеграми на политичари, но ништо за тоа што правел обичниот народ, дали и како ја прославил Новата година, и слично. Во деновите на Божик повторно нема никаква информаџија за славењето на овој празник, кој, според третманиот во единствениот дневен весник во Македонија во тоа време, како да бил забранет не само како празник туку и како информација.

Се разбира, ваквиот третман на овие два празника се пресликува во сите весници на тогашна федерална Југославија. Новогодишниот број на „Борба“ во очи на Новата 1953 година, на пример, објавува огромна фотографија на Тито во својот работен кабинет на насловната страница со честитка упатена до Југословените, и тоа е се. Божик и овде не се спомнува како празник. Веќе во 1963 година, весниците печатени за време на новогодишните празници објавуваат и некакви романтични фотографии од завеани градови, но и десеттици реклами на претпријатија кои закупуваат ексклузивен новински простор и, преку честитки платени со „народни пари“, ем се рекламираат, ем му ја честитаат Новата година на работниот народ. Божик никој нема храброст да го честита. Ниту со „народни пари“.

Сепак, останува да се провери дали некој во Македонија јавно се обидел да го слави Божик по војната, и како завршила неговата Бадникова вечер, на пример? Но, тоа е друга тема, за друго истражување. Честит Божик и Нова година! Или беше обратно?

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата