Скопска шминка, мода и фраерлук во старите добри времиња

10.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Скопска шминка, мода и фраерлук во старите добри времиња

Уште Евлија Челебија рекол дека скопјаните имаат широка душа, а нивните срца се задоени со љубов. Многу подоцна, кога славниот англиски археолог сер Артур Еванс престојувал во Скопје (1883 г.) посебно ја забележал модата на скопјаните, која ја споредувал со стилот и со облекувањето на жителите во големите градови од опкружувањето, како и оние од Истокот.

Подеталната анализа на оваа проблематика секогаш открива една поинаква, возбудлива димензија на скопската мода, пред сѐ, од почетокот на 20-от век и од периодот помеѓу двете војни. А тоа не е случајно. Се врши смена на модата „а ла турка“ во „а ла франга“, Европа е сѐ поприсутна, индустријализацијата зела замав. Се носеле екстравагантни женски и машки шапки, новодизајнирани женски здолништа и машки костуми. Материјалот главно се увезувал, а потоа се набавувал и во новоотворените модни магазини во градот. Затоа не е чудно што скопските шармери секогаш имале стил во додворувањето и во љубовта, но и во модата.

Во периодот пред војната, со развитокот и со отворањето на новите индустриски капацитети, зајакнува граѓанската класа. Се отворале пиварници, фабрики за текстил, за прехранбени производи, фабрика за лекови, мелници, моќни фирми за трговија со материјали за градежништвото, се модернизирало угостителството, се увезувале стоки за широка потрошувачка.

Сето тоа се одразувало и на модните стандарди. Денес сѐ уште се споменуваат имињата на некои од познатите семејства, Дикиџијан, Шкаперда, Кранго, Ароести, Настеви, Тодорови, Икономови, Поповиќ, Калајџиеви, Бојаџиеви и многу други. Малку е познато дека најубавите скопски палати се поврзани со љубовта, бидејќи тие биле изградени како подарок за саканите сопруги. Токму затоа, тие скопски палати се и еден вид споменици на љубовта.

Преминот од деветнаесеттиот во дваесеттиот век не одел лесно ниту праволиниски, во смисла на стандардот на жителите, начинот на живеењето, па и облекувањето, кое е неразделен дел од нив. Во периодот пред Втората светска војна, и покрај големите разлики во квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните, се чувствува силна тенденција за приклучување кон европските текови.

Тој премин кон новите европски вредности се гледа и со постепеното ослободување од ориенталните детали во модата, а тоа ослободување ќе достигне кулминација токму во годините на индустрискиот и на трговскиот подем. Претходно, европската модна кројка секогаш била проследена со детали останати од ориенталната традиција, за таа сосема да исчезне во поголемите градови, особено во Скопје, во дваесеттите и во триесеттите години.

Една од нашите најдобри познавачи на модните промени во доменот на градската носија и модната облека во 19 и 20 век, Сања Димовска, своевремено на ваков начин сликовито ги опиша тие трансформации, задржувајќи се на детали за Скопје: „Во модната гардероба на жените спаѓале разни видови наметки како пелерини, долги и кратки палта и шалови. Единствениот вечерен фустан, кој е зачуван во нашата збирка, е фустанот што го носела Хамдија, жена на Шаин-бег од Скопје…

Составен е од широко набрано во половината здолниште и широка блуза со длабоко овално деколте и прави ракави долги до под лактите… Работ на деколтето е навезен со ситни бисерчиња. Претпоставуваме дека фустанот се носел со корсет, кој би требало да ја обликува формата на горниот дел од телото. Свечените фустани се носеле со долги пелерини или наметки во облик на шалови“.

Интересен е податокот дека и Турците постепено целосно ја прифаќале европската мода вклопувајќи се во современите трендови. Голема револуција во модата извршил женскиот костим, особено неговото модернизирање во периодот меѓу двете војни. Но, и претходно, како што тоа посебно се нагласува: „Женскиот костим бил задолжителен дел од гардеробата на секоја госпоѓа, која сметала дека е модерна.

Тесното и долго здолниште со благо повишен струк, е комбинирано со палто од истиот материјал, долго до колковите, со широки ревери на кои има апликација од друг потенок материјал и вез од тенки гајтани по рабовите на реверите и на долниот раб на палтото. Костимот е комбиниран со бела блуза со висока јака од тантела…

Заедно со костимите, во облеката на жените се воведува комплет од здолниште и светла или бела блуза, кои комбинирани со различни практични палта станале најпопуларната облека во средниот граѓански слој“.
Интересно е дека на почетокот на новите трендови, модерните машки костуми не биле еднобојни, како што тоа било подоцна, па и денес, туку палтото и панталоните се разликувале по материјалот и по бојата.

„Палтото било со едноредно закопчување. Елекот можел да биде од истиот материјал како сакото или од посветол. Панталоните биле во риги од волнен серж. Се носела кравата или свилена капа-цилиндар, заоблена капа-полуцилиндар или шешир од филц… Со костумите се носеле капути од волнени штофови, високи чевли – получизми“.
Што се однесува до чевлите, особено женските чевли, познатиот чевлар од Еврејското Маало, Ѓорѓи Паунов, кој имал дуќан наспроти стариот народен театар пред војната, ми раскажуваше дека скопските дами од тоа време, особено артистките од театарот, носеле чевли со исклучително високи потпетици. „Такво нешто долго време потоа не се повтори“, велеше мајсторот.

„Нашите баби немаат право да се лутат и со незадоволство да го критикуваат облекувањето на денешната младина, тврдејќи дека некогаш било поинаку“. Оваа мисла за модата (но и за љубовта), изречена е во 1935 година, а актуелна е и денес. Веројатно е дека засекогаш ќе биде актуелна.

Скопски дами-убавина во чекор со модата

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата