Оваа фирма ќе исплати 8 МИЛИОНИ ЕВРА ДИВИДЕНДА НА АКЦИОНЕРИТЕ, а не е банка

16.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Оваа фирма ќе исплати 8 МИЛИОНИ ЕВРА ДИВИДЕНДА НА АКЦИОНЕРИТЕ, а не е банка

И прилепскиот Мермерен комбинат „го проласи за мртво корона вирусот“. Компанијата одлучи на своите акционери да исплати 8 милиони евра дивиденда , 1,7 евра бруто износ по акција и тоа 4,6 милиони евра акумулирана добивка од претходни години и 3,4 милиони евра од добивката лани. Државата ќе се офајди околу 800.000 евра од даночните зафаќања на добивката што се распределува како дивиденда

Каменот, а особено мермерот е многу доходовен и вносен бизнис. Прилепскиот Мермерен комбинат уште еднаш покажа особена грижа за своите акционери. Компанијата одлучи на претстојно акционерско собрание да си одвои од добивката за лани и од акумулирана добивка од претходниот период и да ги подели како дивиденда. Вкупно друштвото ќе подели 8,06 милиони евра дивиденда која ќе биде исплатена на акционерите на 30 октомври годинава.

Последен ден за тргување со право на дивиденда ќе биде 28 октомври годинава, а акционерското собрание е закажано за 16 октомври годинава. Последната цена на оваа акција на берзата е постигната на 20 април годинава и изнесувала 2.500 денари. Тоа значи дека дивидендниот принос во однос на последната пазарна цена е помал од 4 отсто.

Само информативно ова прилепско друштво кое одамна беше продадено на грчки компании специјализирани за експлоатација и обработка на мермер лани оствари профит поголем од 20 милиони евра. Сепак мора да се признае дека за разлика од лани, годинава Мермерен комбинат ќе подели дивиденда што е за 65 отсто пониска од дивиденда што ја подели за работењето во 2018 година (според официјалните податоци на СЕИ НЕТ платформата таа изнесувала 299,44 денари).

Прилепската компанија, најголем македонски производител на мермер, е во доминантна сопственост на две странски правни лица. Мнозински сопственик е холандската компанија за производство и продажба на мермер „Стоун Воркс Холдинг Кооператиф“ која поседува 89,25 отсто од акциите и грчката „Пиреус банка“ која како старател управува 10 отсто од акциите на компанијата. Останатите околу 35.000 акции со право на глас се сопственост на домашни акционери физички лица и за нив во бруто износ ќе бидат исплатени околу 60.000 евра.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата