Акцијаши од Штип, но и од повеќе градови од државата, како и од соседните земји денеска се сеќаваат како било на првата акција кога биле млади, но и прават споредба како е денеска.
-Тогаш беше како што треба, денеска не е. Младите не можеме да ги ангажираме, нема млади, изјави Киро Димовски, акцијаш волонотер од Битола.
Дружба, работа и љубов е она најзначајното од акциите воопшто. Драган Миладиновски од Велес сведочи како од една таква акција се родила и љубовта меѓу него и неговата сопруга.
-На таа акција се докажа она што беше главна мотивација, а тоа е дружењето, младите да се почувствуваат самостојни, да се почувствуваат важни, значајни и одговорни, посочи Миладиновски.
Акциите, односно волонтерската работа иако се застапени и денеска, сепак младите се вклучуваат во нив, во помал број, велат акцијашите ветерани. Забележуваат дека се прават напори и преку вакви настани да се мотивираат младите, за да бидат дел од акциите.
Акцијашите денеска ја посетија спомен собата на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, потоа го посетија и Музејот и тврдината Исар. Пред 50 години акцијашите кои денеска беа во Штип учествувале во изградба на патот Штип-Плачковица во должина од 43 километри.