Социјалните разлики не се одразуваат само преку банковните сметки,туку и преку биологијата на мозокот кај децата

15.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Социјалните разлики не се одразуваат само преку банковните сметки,туку и преку биологијата на мозокот кај децата

Истражувачки тим од САД користел податоци од т.н. ABCD студија, голема мултицентрична и лонгитудинална студија, спроведени на повеќе од 8.000 деца од 17 американски сојузни држави на возраст од 9 до 10 г. Меѓу другото, користени се и податоци од магнетна резонанца за да се спореди дебелината на кортексот и другите анатомски карактеристики на мозокот кај децата од различни социо-економски средини.

Кортексот, надворешниот слој на мозокот, е клучен за процесите размислување, помнење и носење одлуки.

Резултатите покажале дека децата кои потекнувале од средини со голема социо-економска нееднаквост имаат помал вкупен волумен на кортексот, помала просечна дебелина на кортексот, помала вкупна површина и изменета функционална поврзаност на мозочните мрежи во подрачјата поврзани со јазикот, вниманието и емоционалната контрола.

Истражувачите, исто така, анализирале податоци од прашалници што децата ги пополнувале за да ги откријат нивните ментални здравствени состојби, како што се депресија и анксиозност. Исходите биле значително полоши кај оние што живееле во области со поголема нееднаквост во приходите.

Разликата во приходите ги засега и сиромашните и богатите

Раководителката на студијата, д-р Дивјангана Ракеш од Институтот за психијатрија, психологија и невронаука од Кралскиот колеџ во Лондон, за „Гардијан“ изјавила дека студијата не ги разгледувала индивидуалните семејни приходи, туку начинот на кој приходите се распределени во општеството.

„И децата од богатите и тие од посиромашните семејства покажаа промени во невролошкиот развој и откривме дека ова трајно влијае на нивната благосостојба. Не интересираат споредбите на овие наоди со исти такви од други делови на светот“, изјавила таа.

Можен механизам на влијание

Научниците претходно заклучија дека стресот поврзан со нееднаквоста може да игра голема улога во невробиолошкиот развој на децата. Имено, децата кои растат во неповолна положба често се соочуваат со несигурност, финансиски проблеми со место на живеење и исхрана, што може да влијае на развојот на мозокот преку хормоните на стрес, како што е кортизолот.

Авторите на студијата истакнуваат дека нееднаквоста може да влијае и врз менталното здравје на специфични начини, на пример преку зголемена споредба на сопствените карактеристики, способности и достигнувања со оние на другите, преку намалена социјална поврзаност, што не може да се објасни само преку индивидуалните приходи или сиромаштијата.

„Нееднаквоста поттикнува чувство на релативен пристап кон нештата, постојана споредба и перцепција на ограничено социјално движење. Тоа создава услови за хроничен стрес, а тој е добро познат фактор за ризик од психопатологија.... Една студија спроведена на над 19 000 лица од 4 европски земји покажала дека нивото на C-реактивниот протеин, кој е показател за воспаленија во организмот, е најниско кај лица од рамноправни социјални средини (на пр., Швајцарија), а највисоко кај оние лица кои потекнуваат од средини со голем социоекономски јаз.(на пр., Португалија), објаснуваат авторите.

Може ли ефектот да се поништи?

Еден од важните аспекти на студијата е тоа што го покренува прашањето за интервенција. Ако социјалната нееднаквост може да го промени мозокот, дали овој процес може да се промени? Постојат индикации дека квалитетните образовни програми, стабилната исхрана и безбедната средина за домување можат да ги ублажат негативните ефекти.

На пример, претходните истражувања покажаа дека децата кои добиваат дополнителна образовна поддршка или подобра исхрана можат да го забрзаат развојот во подрачјата на мозокот кои биле помалку развиени.

Врската помеѓу статусот и невробиологијата

Ова откритие е важен придонес во сè поголемиот корпус на студии што го поврзуваат социоекономскиот статус со невробиолошкиот развој.

Една студија од 2015 година објавена во Nature Neuroscience покажала дека децата од посиромашни семејства имаат помали количини на сива маса во областите клучни за учење и меморија. Новото истражување оди чекор понатаму бидејќи ги поврзува овие промени со нивото на социјална нееднаквост на национално ниво, а не само со индивидуалните приходи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата