Овој Германец живеел во 17 век и е доказ дека внатрешната убавина, карактерот и шармот понекогаш се поважни од физичкиот изглед. Жените се чувствувале како кралици во негово друштво – а тој немал ни раце ни нозе.
За Матијас Бухингер, германски гениј од 17 век, не било проблем да најде утеха во женските раце и покрај тоа што бил роден без нозе и раце. Жените едноставно го обожавале. Се женел четири пати и од тие бракови имал 14 деца. Според гласините кои кружеле во тоа време, тој се забавувал со дури 70 љубовници, многу ноќи минал буден.
Жените се лепеле за него како „магнет на железо“. Многумина биле љубоморни, не разбирале што е толку неодоливо кај него. Бил многу популарен и славен, а иако бил малечок, секогаш бил во центарот на вниманието. Неговата личност не останала незабележана, ниту неговите неверојатни способности – научил многу да прави без екстремитети и бил исклучително добар во тоа.
Постојат записи дека тој се истакнувал во покер и секој пат ги оставал противниците без парите. Знаел и убаво да пее серенади, правел минијатурни слики од своите дами кои подоцна им ги подарувал.
Бил роден без екстремитети
Бухингер бил роден со вродена малформација на екстремитетите – немал раце под лактите и немал нозе под колковите. Неговите родители се преселиле во мало гратче во близина на Нирнберг, Германија, непосредно пред тој да се роди на 3 јуни 1674 година. Откако се родил, не сакале луѓето да им го исмеваат синот и да го нарекуваат изрод, па во првите 20 години од животот го чувале дома колку што можеле.
Имено, во тоа време луѓето ваквите деформитети ги доживувале како дело на самиот Луцифер. Поединците кои се издвојувале од толпата поради деформитети или џуџест раст, познато е дека биле прогласени за вештерки и волшебници и биле палени на клада. Немало судење, но физичкиот изглед бил сосема доволен за некој да се смета дека практикува магии.
Бухингер имал осум браќа и сестри кои безгрижно играле на сонце во текот на детството додека тој морал да биде скриен во куќата. Но, тој не паднал со духот, туку се забавувал на свој начин – развил импресивни вештини.
Од дете кое се криело од очите на јавноста, тој израснал во интелигентен, сестран, мултиталентиран човек. Тој дури научил многу добро да свири на голем број инструменти, како и да црта и резба.
Кога наполнил 20 години, решил дека му е доста од криење, па отишол на саем каде со својот изглед и вештини привлекувал внимание и многу брзо станал атракција. Луѓето сакале да ги гледаат неговите изведби. Вршел магионичарски трикови, добро се снаоѓал со меч, куглал, пукал, стрелал и ги сакал лакот и стрелата… Сè што правел, го правел одлично, многу професионално. Дури и сам ги направил сите потребни алатки и ги приспособил за себе.
Го нарекувале „малиот човек од Нирнберг“
„Малиот од Нирнберг“ прво патувал и заработувал во својата татковина, а потоа се прославил низ Европа, дури и ги забавувал членовите на кралските семејства. По патувањето низ Данска, Холандија и Франција, Бухингер се населил во Велика Британија. Таму заработил добри пари бидејќи луѓето биле особено фасцинирани од она што тогаш се сметало за „гротескно и монструозно“.
Во екот на златното доба на „изродот“ во викторијански Лондон, граѓаните ги посетувале познатите саеми само за со свои очи да ја видат неговата способност, како што го опишал еден посетител во 1731 година, „да го постигне она што многумина не можеле да го направат толку добро ни со раце и нозе“.
Бухингер останал да живее во Велика Британија, но продолжил да патува и да настапува низ Европа. Сепак, цртањето и резбата му го обезбедувале главниот приход во текот на неговиот живот. Починал во 1740 година.
Современата јавност слушнала за него во 2016 година, кога познатиот американски магионичар Ричард Џеј Поташ, познат по уметничкото име „Рики Џеј“, организирал изложба за него. Тоа всушност беше првата уметничка колекција на неговите дела – цртежи, минијатурни резби, бродови во шишиња.