Проектот беше откриен претходно оваа година и е почит кон 1950-тите и 1960-тите, кога гламурот и елеганцијата ги красеа вагоните.
Патувањето започнува на станицата Остиенсе во Рим, во раскошен салон дизајниран од францускиот архитект Уго Торо. Оригинални мозаици од 20 век лежат под вашите нозе, во салонот свири џез во живо, а келнерите нудат освежување пред да се качите, објави Кликс.
Винтиџ италијанските вагони Z1 од 1970-тите и 1980-тите се реновирани и преуредени во стил на ретро коктел салон, благодарение на дизајнерската фирма Dimorestudio. Возот има 30 кабини - 18 апартмани и 12 луксузни соби, секоја со сопствена бања. Луксузните кабини се малку помали, но функционални, со софи на расклопување и отомани кои можат да се користат и како каучи и како масички за кафе.
– Знаете, како деца го гледавме „Убиство во Ориент Експрес“ и сонувавме да патуваме со тој воз. Сега имаме свој италијански „Ориент Експрес“ – Долче Вита, патување полно со емоции и уживање – рече готвачот кој работи на возот.
Концептот на возот е создаден преку заеднички инвестиции на италијанската група Арсенале, францускиот Акор и државниот железнички оператор Трениталија. Операторот се надева дека елегантните вагони со рути низ Тоскана, Сицилија и Доломитите ќе станат дел од трендот на нискојаглероден транспорт и намалување на воздушниот сообраќај.
Цените на патувањата се високи: еднодневната тура започнува од околу 3.500 евра по лице, додека подолгите тури можат да чинат повеќе од 12.000 евра.

