Во утринската програма на телевизија Канал 5, во емисијата „Здраво Македонијо“, вчера гостуваа Силвана Муциќ Плевнеш и Влатко Плевнеш од Силви бенд, Петре Ламески и Ивана Лескароски.
Гостите зборуваа за темите поради кои дошле во емисијата, но кога Ивана ја започна својата исповед – сите замолкнаа.
„Би започнала од моето детство, единствениот период во кој немаше турбуленции. Родена сум во Прилеп и израснав во љубов и хармонија. Моите родители денес се мој пример како да го воспитувам моето дете. Моите браќа се мојата лева и десна рака“ ,започна Ивана, па продолжи:
„Но само на 15 години, животот за првпат ми зададе тежок удар. Се соочив со здравствен проблем за кој беа потребни години за целосно закрепнување. Сè заврши добро, фала му на Бога. На 20 години го сретнав човекот на мојот живот, а веќе на 21 станав негова сопруга. Петнаесет години сме во успешен брак. Нашиот сон беше да станеме родители и тоа брзо се оствари. Но среќата траеше кратко – неколку дена по раѓањето на нашиот прв син Паоло, тој почина од респираторен дистрес. А кога едно дете од 21 година го загуби своето дете – нема зборови што можат да го опишат тоа чувство,“ раскажа Лескароски.
Таа призна дека во тој период била во тешка состојба и дека сè ѝ било како во магла, вистинско бунило, кое траело сè додека повторно не забременила. Со вториот син, Аритон, верувала дека со сопругот почнуваат ново поглавје и дека Господ им подарил нов почеток – но ни тоа не било онака како што се надеваа.
„По раѓањето на Аритон мислевме дека сè ќе биде добро, но по неколку месеци го загубивме и него. Ако со дијагнозата на Паоло се помиривме, причината за смртта на Аритон – никогаш. До ден-денес не се помиривме, а единствената грижа на совест ми е што тоа не го истерав до крај,“ сподели Ивана.
Кога водителката Милена ја праша која била причината за смртта на второто дете, Ивана имаше само еден одговор:
„Причината беше од страна на лекарите, но ние веруваме дека се работеше за лекарска грешка.“
Таа вели дека тешко го прифатила губењето на вториот син. Иако Аритон бил роден предвреме, се подготвувала да го донесе дома, но тој почнал да отекува во стомакот и починал.
„Сè уште паметам како ми кажаа дека починал. Тоа беше хорор кој не се заборава,“ раскажа Ивана низ солзи.
„Веќе тогаш во главата си зацртав дека никогаш повеќе нема да се остварам како биолошка мајка и нашиот следен чекор беше посвојување дете. Но Божјите патишта се чудни – останав бремена со моето чудо, Роман,“ рече Ивана со светлина во гласот.
Иако Роман по раѓањето бил 35 дена на интензивна нега, преживеал. Ивана тврди дека тие 35 дена биле најдолгите и најтешките во нејзиниот живот – не само затоа што детето ѝ било во болница, туку и затоа што била сама. Во тој период нејзиниот сопруг морал да оди на две тешки операции, па таа секој ден одела од клиника до клиника. На крајот, успеала истиот ден да ги земе и сопругот Дејан и синот Роман од болница.
„Чувството тој ден не можам да го опишам – тоа само се доживува. Но траумите од тогаш останаа – до ден-денес, секоја ноќ проверувам дали дишат. Тоа се трауми,“ искрено призна Ивана.
„И денес повторно минувам низ тежок период, бидејќи пред две години на мојот син Роман му беа дијагностицирани пет дијагнози. Од здраво, весело дете – изгуби осум килограми. Нашето патешествие започна тогаш, во Србија му ги поставија дијагнозите и сега ја водиме таа битка,“ раскажа Ивана, додека студиото на Канал 5 не можеше да ги сокрие емоциите.
Втор дел од „Здраво Македонијо“ можете да го погледнете тука.

