Дојче Веле: Како Русија регрутира криминалци за саботажи низ цела Европа

11.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дојче Веле: Како Русија регрутира криминалци за саботажи низ цела Европа

Дојче Веле

Русија користи криминални мрежи за саботажа низ цела Европа и на Телеграм регрутира криминалци кои зборуваат руски јазик. Нејзината цел е дестабилизација и одмазда кон ЕУ за поддршката на Украина, тврди нова студија.

За потребите на својата хибридна војна против Европската Унија, Русија создаде мрежа на агенти во која државните институции се тесно поврзани со криминалното подземје. Заедничката студија на невладината организација GLOBSEC од Братислава и Меѓународниот центар за борба против тероризмот (ICCT) од Хаг покажува дека лица кои зборуваат руски со криминално минато се регрутираат за извршување саботажи низ цела Европа. Резултатите од тоа истражување беа презентирани и во Брисел, на седницата на Специјалниот комитет на Европскиот парламент за заштита на демократијата (EUDS).

Студијата ја поврзува таа тактика со војната против Украина, нагласувајќи дека „хибридните операции не се секундарни, туку клучен столб на руската стратегија“. Истражувачите ја споредуваат тактиката со методите на Исламска држава (ИД), која претходно регрутирала криминалци во Европа. „Овој пат не станува збор за терористичка организација, туку за државен актер кој спроведува регрутирање и операции“, се вели во студијата.

Криминалци како саботери

Од јануари 2022 до јули 2025 година, во Европа се регистрирани 110 обиди за саботажа и напади поврзани со Русија - најмногу во Полска и Франција. Од нив, 89 биле успешни, а 21 биле спречени. Авторите на студијата веруваат дека бројот на спречени напади е веројатно уште поголем, бидејќи разузнавачките служби не ги објавуваат сите податоци.

Идентификувани се 131 лице поврзано со инцидентите, од кои најмалку 35 биле претходно осудени и регрутирани во затвори или преку криминални организации. Кремљ обично регрутира мажи кои имаат околу 30 години, од постсоветските земји, кои зборуваат руски и се во тешки животни околности. Регрутирањето често се одвива преку интернет, преку Телеграм, но и преку роднини и пријатели.

Главниот мотив за учество во саботажа се парите - од неколку евра за дистрибуција на проруски летоци, до големи суми за напади врз клучна инфраструктура.

Одмазда на ЕУ за помошта на Украина

За финансирање на овие активности, Москва користи и нелегални методи за заобиколување на западните санкции. „Овие канали му овозможуваат на Кремљ да ги избегнува ограничувањата и подлабоко да ги вклучува криминалните мрежи во својата стратегија за хибридно војување“, се наведува во студијата.

„Нелегалните парични текови, криминалот и хибридните операции не се одвоени, туку елементи на еден единствен план за дејствување“, се тврди во студијата. И уште: „Руската воена кампања - бомбардирања, палежи, обиди за атентат - сето ова треба да се гледа како казна за поддршката на ЕУ за Украина, но и како подготовка за можен поголем конфликт“.

Криминалот како државна алатка

Доминика Хајду од Глобсек вели дека користењето криминалци од страна на руските власти не е ништо ново. Граѓаните кои живееле „источно од Железната завеса“ се сеќаваат како недостигот во СССР создал зависност од сивата економија, потсетува таа, а во исто време додава дека, по распадот на Советскиот Сојуз, за ​​разлика од другите посткомунистички земји, борбата против корупцијата во Русија не била приоритет. Наместо тоа, корупцијата станала норма и метод на работа на државните институции, тврди Хајду.

Според неа, во 1994 година, во Русија биле активни повеќе од 500 криминални групи, кои контролирале околу 40.000 компании. На почетокот на 2000-тите, поранешните членови на КГБ ја консолидирале својата контрола врз државата, а нивните врски со подземјето станале дел од државниот систем, според Доминика Хајду од Глобсек.

ЕУ мора да реагира

Полскиот политичар Бартомеј Сјенкевич, член на Европскиот парламент од Европската народна партија (ЕПП), смета дека Кремљ долго време користи криминални методи и подземје за регрутирање агенти во Европа.

„Проблемот е како да се реагира“, изјави тој за Дојче Веле, наведувајќи го примерот со беспилотните летала што повремено ги парализираат аеродромите во ЕУ. „Никој не ги соборил. Сакаме да дејствуваме против регрутираните лица, но активностите на Телеграм сè уште не се запрени, иако ЕУ треба да ги контролира ваквите платформи“, сугерира полскиот политичар

Препораки за ЕУ

Авторите на студијата предлагаат цела низа мерки како одговор на ЕУ, вклучително и подобро следење на онлајн платформите, особено Телеграм. Тие исто така предлагаат проширување на дефиницијата за „хибридни закани“, бидејќи многу национални стратегии не ја земаат доволно предвид улогата на „неформалните актери како што се криминални групи, идеолошки посредници или поединци кои дејствуваат од личен интерес“. Токму оваа правна празнина ѝ дозволува на Русија да ја негира одговорноста за напади и саботажи, според авторите на студијата.

Доминика Хајду нагласува дека е важно да постои соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор: „Тие мора да бидат партнери, бидејќи приватните компании во Европа имаат пософистицирани механизми за откривање на руски криминални активности“. Затоа таа се залага за создавање координативна платформа за спречување на руски хибридни напади врз европските земји.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата