Денеска е Крстовден! Голем празник за Христијаните и се верува дека ја открива иднината

27.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денеска е Крстовден! Голем празник за Христијаните и се верува дека ја открива иднината

Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Наоѓањето на чесниот крст врз кој бил распнат Исус ѝ се припишува на царицата св. Елена мајката на славниот цар св. Константин Велики, основоположникот на Цариград (Константинопол) и првиот император што ја признал христијанската вера.

Се слави двапати во текот на годината, 18 јануари и 27 септември. Претходно, луѓето строго се придржуваа на постот на овој ден. Во некои села се одржуваат и панаѓури.

Луѓето родени на овој ден се верува дека на своите јаки рамена ја носат сенката на Светиот крст и затоа се особено одговорни за своите постапки пред Бога.

Стар обичај на нашите простори е на овој ден добитокот да се премачкува со катран во знакот на крстот за да се заштитат од болести. Народот верува дека змиите мируваат на Крстовден и дека веќе не се низ полињата.

На овој ден, луѓето во црквата осветувале босилек, грозје, жито и јаболка. Овој осветен босилек се чувал со икона, а подоцна служел за разни заздравувања.

Се верува дека какво е времето во текот на Крстовден таква ќе биде и годината, односно:

- Ако е облачно на Крстовден, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде суво.

- Ако до Крстовден ластовичките не заминат на југ, нема да биде многу студена зимата.

- Тивкиот дожд на Крстовден предвидува блага зима.

- Грмотевица на Крстовден навестува плодна година.

- Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако денот е ведар, тогаш зимата ќе биде сува и студена. 

Вообичаено е на Крстовден да се собере и освети босилек. Некои семејства го слават овој празник како куќна слава.

Тропар - Воздвижение на Чесниот крст

Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство. Дарувај им победа над непријателите на сите наши православни христијани и со крстот Свој заштити го Твоето наследство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата