Денес се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов: Иванден е ден за лекување болести и за добивање потомство – денеска Сонцето застанува три пати

6.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денес се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов: Иванден е ден за лекување болести и за добивање потомство – денеска Сонцето застанува три пати

Денес се празнува свети Јован – летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов.
Пророк кој оди пред спасителот 
Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Ива, Иво, Ивана, Ивона, Јанко, Јане, Јана…

 

Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот Архангел Божји Гавриил му се јави на првосвештеникот Захариј во јерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, Архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем сè до осмиот ден по раѓањето на Јован. Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: „Јован“. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори. Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захариј му се јавил Ангел Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод. Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на Захариевото семејство, за да го убијат и Јован. Но, Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захариј во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат. Захариј беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод. Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите Ангели.

Народни обичаи и верувања
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе рутишчатаа, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити висеет на дуќаните за да имает повеќе покупниции. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.
Во Разлошко празникот се викал Ињовден. Спроти празникот се правел венец од бело и жолто ињовче (бела и жолта ајдучка трева), а на самиот празник, откако стоката ќе се вратела од паша венецот се ставал на роговите од кравата, која потоа се молзела. По тој обред се верувало дека кравата ќе има млеко во текот на целото лето. По молзењето венецот се симнувал од роговите на кравата и се закачувал на чардакот каде што останувал до следниот Ињовден.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале Тајанее, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера.

Светите младенци Јаков и Јован Мењушки
Праведните младенци Јаков и Јован Мењушки беа браќа по плот, деца на благочестивите родители Исидор и Варвара. Во 1569 година, кога Јаков имаше 3 години, а Јован 5, беа убиени од злодејци. Во 1689 година нивните мошти беа најдени нетлени и биле положени во храмот Света Троица, во селото Мењуж, во Новгородската епархија.

Светите маченици Орентиј, Фарнакиј, Ерос, Фирмос, Фирмин, Киријак и Лонгин
Родени браќа. Беа римски војници во времето на царот Максимијан. Во војната на Римјаните против Скитите околу Дунав, свети Орентиј му излезе на мегдан на скитскиот голијат Марот и го уби. За ова целата римска војска им принесуваше жртви на боговите, но Орентиј и неговите браќа изјавија дека се христијани и дека не можат да им принесат жртва на глувонемите идоли. И покрај нивните војнички заслуги беа осудени на прогонство во Касписките предели, но патем сите седуммина, еден по друг, од глад и маки го завршија животот и се преселија во Царството Христово.

Свети Никита, епископ Ремезијански
Другар и врсник на свети Павлин Нолски (кој се слави на 23 јануари). Веројатно бил Словен, а го проповедал Евангелието меѓу Словените во нишко-пиротската област. Свети Павлин му испеа песна во која покажа какво дело овој свет Никита изврши меѓу Словените: „Каква промена! И колку среќна! Непроодни што беа крвавите гори, сега кријат разбојници во монаси претворени – ах, питомци на мирот. Кај што беа обичаите ѕверски, сега ликот ангелски е. Праведникот во пештера се крие, онде кај што злостор порано пребиваше.“ Столица на свети Никита беше градот Ремезијан, под којшто некои го препознаваат Пирот. Освен својата мисионерска служба, свети Никита напиша и неколку книги: шест книги за верата, книга за паднатата девојка (којашто мнозина ги побуди на покајание). Овој светител се упокои во 5 век.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата