Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа нагласи дека се води „сериозна хибридна војна против државата“ и дека досега имало повеќе од 25.000 непријавени собири, како и дека како претседател направил се за да го зачува мирот и стабилноста во државата.
Во интервју за РТС, тој рече дека наскоро ќе биде јасно дали В.А., кој беше уапсен, е „терорист или убоец во обид“.
Вучиќ додаде дека е потребно да се прикаже видеото од апсењето и изјавата за да не известуваат медиумите дека станува збор за конфликт меѓу луѓето што престојуваат во шаторите.
Ѕој тврди дека сака дијалог со неистомислениците, но не е можно да се разговара со некој „кој решава проблеми со пиштоли и стапови“.
Вчера беше уапсен В.А., кој влезе во еден од шаторите во кој се поддржувачи на властите во близина на Собранието на Србија и испука неколку куршуми повредувајќи еден човек.
Вучиќ го окарактеризира нападот врз шаторската населба на поддржувачите на владата како терористички чин, а обвинителството го оквалификува како обид за убиство, нелегално поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материјали и предизвикување општа опасност.
Српскиот претседател смета оти постојат шанси државата да влезе во ЕУ до 2030 година, но дека пречката за тоа е решавањето на косовското прашање.На прашањето кога Србија ќе влезе во ЕУ, Вучиќ за РТС изјави дека „мисли дека во следната година и пол ќе има многу изненадувања и многу различни геополитички одлуки бидејќи сè се менува“.
„Верувам дека постојат шанси Србија да влезе во ЕУ пред 2030 година. Но, постои друго прашање - како да се реши прашањето за Косово и Метохија. И јас не можам и нема да ја прифатам независноста на Косово и Метохија, ако некој друг го сака тоа по мене, нека го реши“, рече Вучиќ.
На прашањето дали интересот на граѓаните на Србија е повеќе Србија да не воведува санкции врз Русија отколку таа побрзо да се движи кон ЕУ, Вучиќ рече дека „верува дека сега има нов замаец и дека тие (ЕУ) разбираат дека Србија е важна за Унијата, можеби малку повеќе од порано“.
„ЕУ е многу важна за нас, немам илузии за тоа. ЕУ е најголемиот инвеститор и сè уште е најдоброто место за живеење, иако стапката на раст и економијата се во пад“, рече Вучиќ.
Во врска со средбата од минатата недела со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Белград, Вучиќ рече дека „долго време разговарале приватно за сите важни теми“.
Тој синоќа во интервјуто за РТС рече дека нема да има недостиг од нафтени производи поради воведувањето на санкциите на САД врз Српската нафтена индустрија (НИС).
„Првиот ден кога ќе имаме проблеми, ќе ги земеме работите во свои раце и ќе ја заштитиме Србија“, изјави Вучиќ без да ги прецизира можните решенија за намалување на сегашниот мнозински руски удел во НИС, поради што беа воведени санкции врз таа компанија.
Според него, од воведувањето на санкциите на 9 октомври оваа година, околу 84.000 тони нафта од државните резерви се продадени за преработка во рафинеријата во Панчево.
Вучиќ рече дека побарал од Русите, доколку нема друго решение, да најдат купувач за НИС. Тој потврди дека се договорил со унгарскиот премиер Виктор Орбан за зголемен увоз на нафтени деривати преку нивната компанија МОЛ.
„МОЛ е наш најголем увозник, но видовте дека нивната најголема рафинерија изгоре, а сега прашањето е дали ќе ја имаат за себе. Ако ја имаат, сигурен сум дека ќе ни ја дадат. Разговарав и со европски претставници, се обидувам да најдам различни опции, немаме многу од нив“, рече Вучиќ.

