Мицотакис: Во моментов не се исполнети неопходните предуслови за учество на Турција во програмата САФЕ

24.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицотакис: Во моментов не се исполнети неопходните предуслови за учество на Турција во програмата САФЕ

 Ставот дека Турција во овој момент не ги исполнува предусловите за учество во програмата САФЕ на ЕУ за финансирање на одбранбени проекти, го повтори грчкиот премиер Киријакос Мицотакис доцна синоќа на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел и уште еднаш објасни дека Грција нема да ја промени позицијата сè додека соседната инсистира на „casus belli“, односно заканата за војна.

Мицотакис објасни дека соодветниот член од регулативата предвидува договор на трета земја со Европската Унија за таа земја да може во принцип да се приклучи на програмата САФЕ.

- Грција има разјаснето дека во моментов не се исполнети потребните услови за учество на Турција во САФЕ. Нема потреба да го повторувам нашиот цврст став, дека сè додека Турција не го има решено „casus belli“ против Грција, сè додека се оспорува суверенитетот на грчките острови во Егејското море, очигледно не можеме да се согласиме на такво учество. Би сакал Турција да се предомисли за овие прашања, за да можеме и ние да влеземе во суштинска дискусија по ова прашање. Не предвидувам дека ова ќе се случи во блиска иднина, па затоа не се покренува некое прашање за учество на Турција во програмата САФЕ, истакна Мицотакис.

За европската одбрана објасни дека веќе се направени важни чекори кон спроведување на заедничката европска одбранбена политика, позитивно го оцени патоказот на Европската комисија во кој се вклучени „предлози за проекти што отсекогаш биле грчки приоритет“ и како пример го спомена противракетниот штит што го предложија заедно со полскиот премиер пред речиси две години.

- Исто така, многу важно е да се препознае дека секој европски одбранбен план мора да ги опфати сите европски граници, а не само источните, рече Мицотакис. /МИА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата