Познат грчки остров е целосно напуштен по летната сезона- и училиштето е затворено

13.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Познат грчки остров е целосно напуштен по летната сезона- и училиштето е затворено

„Ние сме дваесетина, нема деца, нема пекара“, вели градоначалникот Јоргос Хархалакис, кој прави сѐ што може за да го оживее малиот остров во Егејското Море. „Не се откажувам“, изјави тој за АФП.

Антикитера, остров помеѓу Китера и Крит, како и многу други рурални региони во Грција, страда од сериозна депопулација. Островот, имал 39 жители според пописот од 2021 година.

Хархалакис (37) сè уште се сеќава на неговите први години во основно училиште во 1990-тите, пред неговото семејство, како и многу други, да биде принудено да се пресели на копното поради финансиски проблеми. Во тоа време, островот бил дом на фармери, рибари и сточари, рече тој. Денеска е населен само пристанишниот град Потамос.

Во карпестите височини на Антикитера сè уште се видливи суви камени ѕидови од терасовидни полиња меѓу напуштените и урнати куќи. Единствената врска на островот со надворешниот свет е со брод до Китера и Крит.

Поради егзодусот на жителите, основното училиште е затворено на крајот на минатиот век, но накратко било отворено во 2018 година за само тројца ученици, децата на Деспина и Диониз Андроникос, брачен пар кој се вратил на островот од Атина. „Кога мојата најстара ќерка заврши основно училиште во 2021 година, моравме повторно да заминеме за да може да оди во средно училиште во Китера“, рече Диониз Андроникос.

Училиштето било принудено повторно да се затвори. Истата судбина на почетокот на оваа учебна година ја доживеаја уште десет училишта низ Грција поради недостиг на ученици. Стапката на фертилитет во Грција е 1,43, што е под просекот на ЕУ од 1,53 деца, покажуваат податоците на агенцијата на ЕУ, Евростат. Неодамнешното истражување на Грчкиот институт за демографски истражувања (ИДЕМ) покажа дека секоја трета општина во земјата има помалку од 10 раѓања годишно.

Институтот ова го припишува на стареењето на населението во Грција, но и на „екстремно нерамномерната распределба на населението“.

Повеќе од една третина од Грците живеат во Атина. Со повеќе од една петтина од населението на возраст од 65 и повеќе години, Грција е четврта најстара земја-членка на ЕУ. Само Италија (23,8 отсто), Португалија (23,7 отсто) и Финска (23,1 отсто) се повисоко рангирани, според Евростат. За да бидат работите уште полоши, повеќе од половина милион млади луѓе ја напуштија земјата за време на финансискиот колапс во последната деценија.

Хархалакис вели дека главниот проблем во Антикитера е недостатокот на инфраструктура. „Државата мора да понуди стимулации за изградба на куќи и продавници“, рече тој. Во зима, на островот има само едно кафуле, кое исто така е мала продавница. Со него управува човек на возраст од осумдесетти.

„Локалното население старее, а иднината на островот е под знак прашалник“, вели Кетрин Дехосал, пензионирана Французинка која времето го поминува меѓу островот и нејзината татковина. Оваа година Владата воведе стимулации за новороденчињата за борба против демографскиот колапс. Но, експертите предупредуваат дека зголемувањето на бројот на раѓања не е единствениот одговор.

„Стапките на смртност и имиграцијата играат важна улога и не треба да се минимизираат“, рече Вирон Коцаманис, директор на ИДЕМ. Хархалакис се надева дека планираната опсерваторија за климатски промени на островот ќе создаде работни места.

Антикитера веќе ужива голема слава во научниот свет. Таму, на почетокот на 20 век, нуркачите со сунѓери пронајдоа астролошки часовник од вториот век во бродолом од римската ера, за кој се верува дека е најстариот компјутер на светот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата