Во објавата на платформата Икс, Ципрас наведе дека ја напушта грчката собраниска сала, но не и политиката. Тој го соопштил решението и во писмо до претседателот на Парламентот, Никитас Какламанис.
Како причина за оставката, Ципрас посочува желба да се врати кон „општествена дејност, далеку од функции и партиски механизми“.
„Не можам и не сакам да учествувам во Парламент кој, демократски осиромашен и целосно подреден на одговорноста на мнозинството, не е во состојба да ја исполни улогата што му е доделена со Уставот и што ја очекуваат граѓаните“, напиша тој.
Телевизијата Скај коментира дека оставката на Ципрас го отвора патот за можност за формирање нова политичка платформа, иако поранешниот премиер нагласи дека нема намера да стане противник на своите поранешни партиски соработници.
Алексис Ципрас беше премиер во периодот 2015–2019 година, време кога Грција спроведуваше најстроги мерки на штедење поради финансиската криза. Неуспехот во обидот да ги испреговара условите на меѓународните кредитори, како што претходно вети, ја наруши довербата во него и во левицата.
По поразот на Сириза на парламентарните избори во 2023 година, тој поднесе оставка од лидерската позиција. Оттогаш неговите јавни настапи беа ретки, но повремено упатуваше критики кон сегашното раководство на партијата, кое не успеа да го сопре падот на нејзината поддршка меѓу гласачите.
Според изборниот редослед, местото на Ципрас во Парламентот треба да го заземе следниот кандидат од листата на Сириза – Теодорос Дрицас. Меѓутоа, Дрицас веќе премина во партијата Нова левица, формирана од поранешни членови на Сириза, па доколку го прифати мандатот, партијата ќе изгуби уште еден пратеник.