Во Албанија, секое семејство троши просечно речиси 93.000 албански леки (963,24 евра), при што 40 проценти од семејниот буџет оди само на храна, пишува Еуроњуз Албанија, додавајќи дека многу малку пари остануваат за други потреби - образование, забава или штедење.
Според информациите од албанскиот статистички институт ИНСТАТ, цитирани од медиумите, потрошувачката кошничка останува најважниот елемент од буџетот на албанските семејства.
Според Еуроњуз Албанија, цените на основните производи како што се лебот, маслото, млекото и зеленчукот значително се зголемиле во последните две години, што довело до тоа трошоците за храна да достигнат речиси половина од месечните приходи на семејствата.
Албанските граѓани изјавија за медиумите дека со платата што ја добиваат, едвај успеваат да ги покријат своите трошоци и купуваат само најпотребните. Тие го изразуваат своето изненадување што цените во земјата се многу повисоки отколку во западните земји, наведувајќи ја цената на адаптирано млеко во Берлин (1,4 евра) и Албанија (400 леки или 4,14 евра) како пример.
Една пензионерка вели дека се справува со тешката економска состојба благодарение на помошта на своите деца кои живеат во странство, додавајќи дека дури и за луѓето со плати во Албанија е тешко да заштедат нешто на крајот од месецот.
Според граѓаните интервјуирани од медиумите, економијата на земјата е нестабилна, а зголемувањето на платите не можело да ги компензира трошоците за живот.
Тие исто така истакнуваат дека во некои поголеми градови во Албанија, како што се Тирана, Драч и Корча, има голема потрошувачка, но во други, како што се Кукс и Дибра (Дебар), луѓето имаат ниски трошоци, што укажува на ниски приходи и ниска куповна моќ.
Економскиот експерт Едуард Јокутај вели дека во Тирана, трошоците за живот достигнале над 108.000 леки (околу 1.118 евра), што го прави животот во главниот град многу поскап отколку во другите делови од земјата.
Според социологот Ентела Бинијаку, „големиот дел од албанскиот народ доаѓа од сиромашно минато“. Таа рече дека предизвиците на урбаниот живот ги принудуваат луѓето да штедат пари, но високите трошоци за живот ги спречуваат семејствата да размислуваат за утрешниот ден додека живеат ден по ден.
Експертите предупредуваат дека ако овој тренд продолжи, јазот меѓу богатите и сиромашните во албанското општество ќе се зголеми.