Јанаф, кој работи со НИС, објави дека аплицирал и добил лиценца со која се овластува учество во активности што се вообичаени и неопходни за транспорт на нафта, со цел да ги заврши сите активности преземени според договорот за транспорт на сурова нафта со НИС, до 15 октомври.
Јанаф нагласува дека нема информации дали НИС добиле и лиценца со која се одложуваат санкциите.
Санкциите против НИС беа воведени на почетокот на годината поради руска сопственост, но нивното спроведување е одложено досега.
Белградски медиуми денеска јавија неофицијално, дека на состанок на менаџментот на НИС утрово, на менаџерите им било кажано дека санкциите на САД против НИС ќе бидат одложени за уште една недела и дека се чека официјална потврда за ова од Владата на Србија.
Според извори на Нова економија, на состанокот на раководителите им било кажано да им пренесат на вработените дека компанијата не планира отпуштања. Тоа е особено важно со оглед на вчерашната изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, која укажуваше на поинакво сценарио.
„Се надевам дека компанијата (НИС) нема да отпушти голем број работници. Во секој случај, ќе разговараме со Русите за сè, сега немаме што да разговараме со Американците. Тие ги избркаа своите. Европејците ќе ги поддржат американските санкции. Сигурен сум дека по кратко време, Јанаф ќе престане да испорачува нафта“, рече вчера Вучиќ .
Генералниот менаџмент на НИС денеска беше информиран дека е можно компанијата да им исплати плати на работниците во следните неколку дена, иако последната плата е исплатена само пред две недели, односно на 25 септември.
Санкциите, кои досега беа одложувани шест пати, треба да стапат во сила утре наутро, доколку нема одложување.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека решението би била национализација, но дека тоа е „последното нешто што ќе го направи“.
Американските санкции врз НИС беа воведени поради рускиот удел во оваа компанија. САД бараат целосно излегување на Русите од сопственичката структура на Српската нафтена индустрија.
Бизнисменот Небојша Атанацковиќ изјави дека доколку утре стапат во сила американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС), ќе се спречи протокот на сурова нафта што би се преработувала во НИС, што може да влијае на цената на горивата, а со тоа и на граѓаните и буџетот.
Тој за Танјуг изјави дека и покрај фактот дека примената на санкциите врз НИС ќе биде значаен удар за Србија, енергетската стабилност, економијата и граѓаните, државата ќе успее да го надмине тоа бидејќи имала доволно време да се подготви откако беа објавени санкциите, пренесоа белградските медиуми.
Атанацковиќ рече дека иако НИС може да преработува околу 15 проценти од сировата нафта што ја добива од Банат, прашањето е дали НИС воопшто ќе биде во ситуација да работи со оглед на тоа што се очекува дека и банките во странска сопственост во Србија ќе бидат опфатени со санкции.