Зеленски не успеа да обезбеди ракети „Томахавк“ од Трамп -фокусот се сели кон самитот Трамп – Путин во Унгарија

18.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски не успеа да обезбеди ракети „Томахавк“ од Трамп -фокусот се сели кон самитот Трамп – Путин во Унгарија

Володимир Зеленски не успеа да издејстува ракети од Трамп со домет до Русија. По посетата на САД, украинскиот претседател дома се врати со празни раце откако доби одговор дека Трамп засега не е подготвен да му даде проектили со долг дострел „Томахавк“ кои Зеленски од Америка ги бара подолг временски период. Пред средбата и двајцата кажаа дека една од главните теми се токму проектилите и оружјето, иако Трамп уште на почетокот експлицитно спомена дека се надева на мир без Украина да биде вооружена со вакви ракети.

„Тие (ракетите Томахавк) се неверојатно оружје, многу моќно оружје, но и многу опасно оружје. Тие би можеле да значат поголема ескалација, многу лоши работи би можеле да се случат. Ракетите „Томахавк“ се голема работа. Ни требаат „Томахавк“, ни треба и друго оружје што ние го праќаме на Украина, и токму тоа е една од причините што ние сакаме да ставиме крај на војната. Не би било лесно за нас да дадеме „Томахавк“ ракети, а збориме за масивна бројка на многу моќни оружја, и тоа е едно од нештата за кои ќе разговараме. Се надевам дека нема да им биде потребно, се навевам дека ќе успееме да ставиме крај на војната без ракетите „Томахавк“. “

„Украина има илјадници дронови од украинско производство. Но, немаме „Томахавк“, затоа и ни требаат „Томахавк“ ракети. Соединетите држави на Америка имаат големо производство, а Америка има и „Томахавк“ и други многу силни ракети. Но, можат да ги имаат нашите дронови, илјадници дронови, и токму затоа можеме меѓусебно да соработуваме, и да го зајакнеме американското производство.“

По срдечната средба во Белата куќа двајцата претседатели не дадоа официјални изјави, бидејќи како што посочи Зеленски, САД не сакаат ескалација, а Трамп само ги повика Русија и Украина да запрат таму каде што се и да стават крај на војната.

Средбата следи ден по телефонскиот разговор што Трамп го имаше со Владимир Путин, при што договорија да се сретнат во Будимпешта за околу две недели.

Иако претходно се доведуваше под знак прашалник можноста Путин да допатува во Будимпешта поради налог за апсење на рускиот претседател од страна на Меѓународниот кривичен суд поради истрага за сторени воени злосторства во Украина, од Европската комисија нагласувајќи дека ги поддржуваат мировните напори, појаснија дека Путин сепак нема забрана за патувања.

„Путин и Лавров се предмет на санкции за замрзнување на средствата, но не се конкретно опфатени со забраната за патување. Не може да им се забрани. Нема да коментираме за хипотетички сценарија, но ако се случи, факт е дека тие не се под забрана за патување.“

Инаку, ова беше трета средба помеѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа. Но досега средбите не дадоа конкретен резултат во мировните разговори.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата