Во Вашингтон средба Трамп - Зеленски и ЕУ лидерите

18.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Вашингтон средба Трамп - Зеленски и ЕУ лидерите

Со ваква порака, американскиот претседател Доналд Трамп го пречекува украинскиот колега вечерва во Белата куќа, што се толкува како нов притисок врз Киев во преговорите. Во пораката на социјалните мрежи, Трамп веќе затвори две прашања пред тие воопшто да станат тема во Вашингтон.

Нема враќање на Крим, Украина не може во НАТО, некои работи никогаш не се менуваат, напиша Трамп, кој повторно ќе биде домаќин на Зеленски, овој пат, поддржан со осуммина европски лидери, Фон дер Лајен, Марк Руте, Стармер, Мерц, Макрон, Мелони, Стаб. Иако тие доаѓаат со цврста поддршка на украинскиот суверенитет, темата за размена на територии се чини ќе биде неизбежна во Белата куќа.

-Има пет региони. Тоа отсекогаш била суштината на договорот. Ние успеавме да ги натераме Русите да направат некои отстапки на масата во однос на сите овие региони. Постои важна дискусија која треба да се води за Доњецк и што би се случило таму. Таа дискусија ќе биде детално разглеана во понеделник кога претседателот Зеленски ќе пристигне со својата делегација. , изјави Стив Виткоф, специјален претставник на Трамп.

Освен прашањето за окупираните украински територии, на маса веројатно ќе се најде и американскиот предлог за безбедносни гаранции за Киев, по урнекот на фамозниот член 5 од договорот за НАТО, кој наводно Путин ги прифаќа како противтежа Украина да не биде членка на Алијансата. Членот 5 предвидува вооружен напад на една членка да се смета за напад врз сите сојузници, а   клучната разлика  би била таа што безбедноста нема да ја гарантираат самите НАТО членките, туку САД и Европа.

-Aко е вистина, тоа би бил голем пробив. Но се сомневам дека г-н Путин би бил среќен да види дека САД ја гарантираат безбедноста на Украина. Тоа е спротивно на се што администрацијата на Трамп го постави досега, но останува да видиме. , изјави Стивен Бленк, аналитичар.

Според последните информации, Путин бара сеопфатен договор, а потоа прекин на огнот, спротивно од ставот на Брисел и Киев. Тој воедно бара Украина целосно да се повлече од Доњецк и Луганск во замена на замрзнување на фронтот во Херсона и Запорожје.

На терен оружјето не мирува, ниту во пресрет на средбите во Вашингтон. Најмалку седуммина загинаа, меѓу кои и едногодишно бебе во рускиот напад со дронови врз станбена зграда во Харков.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата