Во протестите ширум Франција повредени шестмина полицајци и приведени 119 лица

18.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во протестите ширум Франција повредени шестмина полицајци и приведени 119 лица

Полицијата собири евидентирала на 439 локации низ целата земја и пребројала дека на нив се присутни околу 243.000 демонстранти. За време на протестите биле блокирани 92 патишта.

Учесници на протест се собраа и пред Министерството за економија во Париз и кусо и навлегоа во дворот на Министерството, но брзо си заминаа.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни рече дека ситуацијата се следи внимателно.

По 14 часот во неколку градови - Париз, Бордо, Нант, поворките со демонстранти започнаа протестна прошетка.

Учесниците носат транспаренти „Макрон ако си шампион, дај оставка“, „Пари за образование, а не за бомбардирање“, „Оданочи ги богатите, спаси ја планетата“ и многу други.

Француското Министерство за внатрешни работи процени дека се очекува помеѓу 50.000 и 100.000 луѓе да учествуваат на протестите во Париз денес, објави BFM TV.

Синдикатите најавија масовен одѕив на наставници, ученици, транспортни работници, таксисти и индустриски работници, додека речиси 80.000 полицајци ќе бидат распоредени за да обезбедат јавен ред и да спречат немири.

Според податоците, околу 33 проценти од наставниците во основните училишта и работниците во предучилишните установи учествуваат во протестите, објави BFM.

Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо рано утрово извести за „обид за блокади“ во парискиот регион, особено на автобуските станици во Обервилие и Сен Дени.

Прекини во јавниот превоз беа пријавени во неколку поголеми градови низ земјата, вклучувајќи ги Лион (трамвај, автобус), Марсеј (автобус), Лил (метро, ​​трамвај, автобус), Тулуз (метро, ​​автобус), Бордо (трамвај, автобус), Нант (трамвај, автобус) и Стразбур (трамвај, автобус), според BFM TV.

Ретајо претходно испрати телеграма до префектите низ цела Франција во која ги наведе насоките и целите за обезбедување на јавниот ред за време на претстојните протести.

Тој конкретно предупреди на потенцијални закани од крајнолевичарски групи кои би можеле да се обидат да се инфилтрираат во официјалните демонстрации, нагласувајќи дека постои „значаен ризик од нарушување на јавниот ред“.

Околу 30 ученици го блокираа средното училиште Морис Равел во Париз, објави Le Figaro.

Обид за саботажа на водоводната мрежа беше спречен во Мартиник, соопшти полицијата.

Полицијата интервенираше на автобуска станица во Париз и употреби солзавец, соопшти таа.

Претходниот протест, одржан на 10 септември, привлече речиси 197.000 луѓе, според Министерството за внатрешни работи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата