УНИЦЕФ: „Незамисливото“ во градот Газа веќе се случува

5.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
УНИЦЕФ: „Незамисливото“ во градот Газа веќе се случува

Детскиот фонд на Обединетите нации – УНИЦЕФ предупреди дека „детството не може да опстане“ во градот Газа, додека Израел се подготвува да го преземе најголемиот град во Појасот како дел од војната против палестинското исламистичко движење Хамас, јави ДПА.

– Светот предупредува на катастрофа за речиси еден милион луѓе кои се уште се наоѓаат во град Газа, доколку се интензивира воената офанзива, изјави портпаролката на УНИЦЕФ, Тес Инграм.

Израелската армија во моментов се подготвува за влез во градот, а илјадници резервисти беа мобилизирани во вторникот.

– Незамисливото не се подготвувува допрва – тоа веќе е тука. Ескалацијата е во тек, нагласи Инграм, опишувајќи го страдањето на цивилите во последните девет дена.

Според неа, „недохранетоста и гладот ги ослабуваат децата, раселувањето им го одзема домот и грижата, а бомбардирањата го загрозуваат секое нивно движење“.

– Оваа состојба не е случајна, туку последица на одлуки што ја претворија Газа во место каде животот е нападнат секојдневно од сите страни, рече Инграм, повикувајќи Израел да ги ревидира правилата за водење на борбите за да се заштитат децата и да се овозможи хуманитарен пристап.

Таа побара и Хамас да ги ослободи сите заложници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата