Сопружниците искрвариле до смрт од убодни и прострелни рани, додека тинејџерот починал од прострелна рана. Осомничениот бил баран четири месеци. На почетокот на август, тело било пронајдено во поле во близина на Вајтефелд. Два дена подоцна, полицијата потврдила дека станува збор за убиецот на семејството, пишува Шпигел.
Многумина се прашуваа зошто телото не било откриено за време на обемното пребарување. Потоа областа била темелно пребарана, со помош на голем број полицајци, кучиња трагачи и хеликоптери, но без успех. „Во тоа време беше многу тешко да се пребарува таа област поради мочурливата земја. Врз основа на нови информации, веруваме дека телото не било таму во тоа време“, објави полицијата.
Сторителот се скрил во бетонска цевка
Истрагата покажала дека осомничениот претрпел сериозни повреди за време на нападот. Најновите полициски наоди укажуваат дека тој се скрил во бетонска цевка со дијаметар од околу 60 сантиметри во коритото на потокот Елбах и таму починал.
Поради „напредниот процес на распаѓање“, лекарите не биле во можност да ја утврдат точната причина за смртта. Но, полицијата вели дека повредите здобиени за време на нападот веројатно одиграле значајна улога. Телото веројатно излегло од цевката дури подоцна, поради големата количина вода, и било однесено на местото каде што било пронајдено. Полицијата претпоставува дека за ова можел да придонесе обилниот пороен дожд на почетокот на август.
Оваа верзија на настаните е поткрепена со изјави на сведоци и местото каде што е пронајдено оружјето. Наводното оружје е пронајдено во бетонска цевка, приближно 100 метри од местото каде што е откриено телото. Кога точно сторителот се скрил во цевката, засега не може да се утврди.
Полицијата не објавила дополнителни детали за убиецот, ниту за мотивот за убиството.