Трамп одликуван со највисокиот орден за заслуги во Јужна Кореја

29.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп одликуван со највисокиот орден за заслуги во Јужна Кореја

Трамп беше одликуван со Големиот орден Мугунгхва, со што стана првиот американски претседател што го добил ова признание. Одликувањето се состои од приврзок што се носи околу вратот.

- Ова е голема чест, рече американскиот претседател на церемонијата во Гјонгџу, Јужна Кореја.

- Можам да го носам веднаш, се пошегува тој.

Ли, исто така, му подари на Трамп украсна, специјално позлатена реплика на историска круна од античката корејска династија Сила, која владеела од 57 година п.н.е. до 935 година од н.е.

За време на неговиот прв мандат, Трамп трипати се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во 2018 и 2019 година, првите и досега единствени средби меѓу актуелен американски претседател и лидер на Северна Кореја.

Трамп во моментов е во дводневна посета на југоисточниот град Гјонгџу, каде што се очекува утре да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг.

САД и Јужна Кореја денеска ги финализираа дополнителните детали од трговскиот договор по повеќемесечни преговори.

Американскиот претседател рече дека договорот е „речиси завршен“.

Висок функционер во јужнокорејската влада изјави дека земјата ќе инвестира 350 милијарди долари во САД. Периодот на инвестирање ќе биде постепено распореден во текот на неколку години, при што вкупниот годишен износ нема да надмине 20 милијарди долари.

За возврат, рече функционерот, американската влада ќе ги намали царините за јужнокорејскиот увоз.

Јужна Кореја, исто така, изјави дека САД ќе ги намалат царините за јужнокорејската автомобилска индустрија од 25 на 15 отсто.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата