Трамп го преферира Куомо пред Мамдани за градоначалник на Њујорк: Подобро лош демократ, отколку комунист

4.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп го преферира Куомо пред Мамдани за градоначалник на Њујорк: Подобро лош демократ, отколку комунист

 Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да ја запре федералната финансиска помош за градот Њујорк доколку на изборите за градоначалник победи демократскиот кандидат Зохран Мамдани, додавајќи дека би го поддржал поранешниот гувернер Ендру Куомо наместо него.

Во интервју за Си-Би-Ес, Трамп го нарече Мамдани „комунист“ и оцени дека е „далеку полош од социјалист“. – Ако Мамдани стане градоначалник, ќе ми биде тешко да давам пари за Њујорк. Ако имате комунист на власт, тоа е чисто фрлање пари, изјави Трамп.

Мамдани, пратеник во Државното собрание на Њујорк кој го претставува 36-тиот округ во Квинс, е познат како застапник на реформата во домувањето, проширувањето на бесплатниот јавен транспорт и социјалните програми, посебно насочени кон деца. Тој се идентификува како демократски социјалист, но го отфрла етикетирањето како „комунист“ што често го користат конзервативните критичари.

Мамдани одговори дека федералните средства се законска обврска, а не резултат на волјата на претседателот. – Њујорк ќе продолжи да прима средства од федералната влада, бидејќи тоа го наложува законот, а не великодушноста на Трамп, рече тој.

Трамп нагласи дека, иако не е „обожавател“ на Куомо, „секогаш би избрал лош демократ пред комунист“.

Изјавата на Трамп доаѓа во последната фаза од изборната кампања за градоначалник на Њујорк, откако заврши предвременото гласање, а повеќе од пет милиони регистрирани гласачи денеска ќе го изберат новиот градоначалник во трката меѓу Мамдани, поранешниот демократски гувернер на Њујорк, а сега независен кандидат Ендру Куомо, и републиканецот Куртис Слива.

Во својата објава, Трамп го поддржа Куомо, предупредувајќи ги своите следбеници дека гласањето за Слива би му помогнало на Мамдани.

„Мора да запомниме – глас за Кертис Слива (кој изгледа многу подобро без беретката!) е глас за Мамдани. Без разлика дали ви се допаѓа Ендру Куомо или не, немате друг избор. Мора да гласате за него и да се надевате дека ќе ја заврши работата одлично. Тој е способен, Мамдани не е!“, напиша Трамп.

Мамдани претходно предупреди дека неговиот противкандидат, поранешниот гувернер Ендру Куомо, би бил „марионета на Трамп“. Куомо, пак, тврдеше дека Трамп би испратил војска во градот ако Мамдани победи, што претседателот го отфрли како „лудост“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата