Почетокот на истрагата укажува на семејна трагедија што се случила зад затворени врати без влијание на надворешни фактори, објавува дневниот весник Фигаро.
Четиригодишно момче, шестгодишно девојче и нивната 37-годишна мајка се пронајдени мртви во стан во центарот на Вилербан вчера попладне, а шприц пронајден покрај телото на жената ја насочува истрагата на обвинителството во Лион кон двоен инфантицид, проследен со самоубиство, без надворешна помош, соопшти локалната полиција.
Безживотните тела ги открила пријателка која е и сопственичка на станот каде што живеело тричленото семејство, а таа веднаш ја известила полицијата.
Првичните форензички наоди укажуваат дека немало знаци на провала или други сомнителни наоди во станот, а не се чини дека имало интервенција од друго лице.
„Ништо не е целосно исклучено, но во очекување на резултатите од обдукцијата, истражителите во моментов ја фаворизираат хипотезата дека мајката ги убила своите деца пред да изврши самоубиство“, изјавил неименуван извор запознаен со случајот за парискиот дневен весник.