Ситуацијата во Непал се смирува по назначувањето на новата премиерка

13.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ситуацијата во Непал се смирува по назначувањето на новата премиерка

На улиците на Катманду, сега претежно без полициски час, оклопните воени возила и тенковите се помалку видливи, а металните ролетни на продавниците се кренати, пренесуваат светските агенции. Штандовите на пазарот повторно се отворени за купувачи, а храмовите за нивните верници.

Во главниот град на Непал во понеделникот и вторникот се одржаа насилни анти-владини протести во кои, според најновиот полициски извештај, загинале најмалку 51 лице, а стотици се повредени. Во нередите беше запалена зградата на парламентот.

Именувана во петокот вечерта по тридневни преговори, поранешната претседателка на Врховниот суд, 73-годишната Сушила Карки, брзо го почна својот мандат на чело на привремената влада. Од денеска работи на составување нова влада, изјавија официјални лица. Една од нејзините први задачи е да обезбеди ред и мир во целата земја. Ова вклучува апсење на околу 12.500 затвореници кои ги искористиле немирите за бегство од затвор и до денеска сè уште се на слобода.

Претседателот Рамчандра Паудел нареди распуштање на парламентот и распиша избори за 5 март 2026 година, што беше едно од барањата на младите демонстранти обединети под знамето на „Генерација З“.

Работната програма на првата жена на чело на Непал ќе биде густа, а нејзината мисија тешка со оглед на бројните барања на младите луѓе кои го соборија стариот режим, а нејзиното назначување многу Непалци го дочекаа со олеснување.

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ѝ испрати „најдобри желби“ на Карки.

- Индија цврсто го поддржува мирот, напредокот и просперитетот во корист на непалскиот народ, напиша тој на X. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата