Си: Односите Кина - Русија се најстабилни и стратешки важни меѓу големите сили

26.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Си: Односите Кина - Русија се најстабилни и стратешки важни меѓу големите сили

Си ова го изјави во Пекинг за време на средбата со претседателот на руската Дума, Долниот дом на рускиот Парламент, Вјачеслав Володин.

Средбата се оствари само неколку дена пред посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина, за самитот на Шангајската организација за соработка, на 31 август и 1 септември, во Тјенџин, и големата воена парада по повод победата над Јапонија во Втората светска војна на 3 септември во Пекинг.

Кинескиот претседател нагласи дека во еден турбулентен и менувачки свет, односите меѓу Кина и Русија се „најстабилни, најзрели и стратешки важни меѓу големите земји“, објави CCTV.

-Билатералните врски се стабилен извор на светски мир, рече Си.

Според него, Кина и Русија треба да соработуваат за да ги заштитат интересите на двете земји во областа на безбедноста и развојот, да го поддржат „вистинскиот мултилатерализам и да промовираат меѓународен поредок што се развива кон поголема праведност и правда“.

Путин редовно го претставува кинескиот претседател како „голем пријател на Русија“.

Кина никогаш не ја осудила офанзивата на Русија против Украина, а многу од сојузниците на Украина се сомневаат дека Пекинг ја поддржува Москва. 

Кина тврди дека е неутрална и ги обвинува западните земји за продолжување на непријателствата со вооружување на Украина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата