Швајцарија ќе му понуди „имунитет“ на рускиот претседател Владимир Путин, и покрај обвинението против него во Меѓународниот кривичен суд, под услов да дојде „на мировна конференција“, изјави швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.
Минатата година, федералната влада дефинираше „правила за давање имунитет на лице под меѓународна потерница“. „Доколку тоа лице дојде на мировна конференција, а не од приватни причини“, рече Касис на прес-конференција со својот италијански колега Антонио Тајани во Берн.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја спомена можноста мировен самит меѓу Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски да се одржи во Европа, и „тоа би била една од неутралните земји, па можеби и Швајцарија“. Тој додаде дека се залага за Женева, европското седиште на ОН.
Касис е целосно подготвен да организира таков состанок, истакнувајќи ја швајцарската експертиза во оваа област. Сепак, тој додаде дека Русија е навредена од Швајцарија.
Имено, таа инаку неутрална европска земја одлучи да воведе санкции врз Москва во согласност со Европската Унија по руската инвазија на Украина во 2022 година.
„Постојано потсетував на мојата подготвеност (да организирам состаноци) за време на контактите со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во последните месеци (...) Ми беше кажано дека откако Швајцарија усвои европски санкции, тие природно изгубија дел од желбата да го сторат тоа во Швајцарија“, призна шефот на швајцарската дипломатија.
Касис, исто така, наведе неодамнешен преседан, за време на Собранието на Меѓупарламентарната унија (ИПУ), меѓународна организација на национални парламенти, каде што претседателката на рускиот Сенат, Валентина Матвиенко, пристигна во Женева. Оваа блиска соработничка на Владимир Путин е исто така под санкции поради нејзината поддршка на војната.
Последните билатерални руско-украински разговори се одржаа во Истанбул, Турција, земја која, и покрај членството во НАТО, Москва ја смета за попријателска.