Салвини длабоко потресен од убиството на Чарли Кирк

14.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Салвини длабоко потресен од убиството на Чарли Кирк

- Она што се случува во моментов ме погоди како никогаш досега. Постојат ’пред‘ и ’потоа‘“, изјави Салвини во интервју за италијанскиот весник Кориере дела Сера (Corriere della Sera, додавајќи дека заплакал кога видел млади луѓе како се молат за Кирк.

Салвини остро ги критикуваше реакциите на убиството на Кирк, велејќи дека делови од левицата ниту покажале сочувство ниту го осудиле нападот, туку ја обвиниле жртвата или американскиот претседател Доналд Трамп.

Десничарскиот политичар, кој е и министер за транспорт во владата на премиерката Џорџа Мелони, го опиша тоа како „порој на гнев и злоба кои повеќе не се скриени, туку прикажани со насмевка и без срам“.

Самата Мелони за време на викендот предупреди на растечка клима на политичка омраза против десницата.

Кирк, рече таа, дозволувал да биде „предизвикуван од секого за било кое прашање“. „Тоа го правеше со насмевка на лицето, со почит — и токму затоа всадуваше страв“, рече лидерката на владејачката партија Браќа на Италија.

Таа додаде дека политичката клима во Италија станува сè позатегната и повика на осуда на „опасните, неодговорните и антидемократските ставови“.

Опозициските партии ја критикуваа Мелони, обвинувајќи ја дека со своите коментари ги поттикнува општествените тензии.

Кирк, 31-годишен политички активист, медиумска личност и пријател на семејството на Трамп, беше застрелан во вратот во средата во Јута додека држеше говор на отворено во универзитетски кампус.

Тој беше силна фигура во конзервативната политика на локално ниво, со особен фокус на мобилизирање на гласовите на младите, пренесе ДПА. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата