Романија ќе го отвори прашањето за руските дронови на Генералното собрание на ОН

14.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Романија ќе го отвори прашањето за руските дронови на Генералното собрание на ОН

Романската министерка за надворешни работи Оана Цоју најави дека на Генералното собрание на Обединетите нации ќе го покрене прашањето за руските упади во воздушниот простор на Романија и други земји-членки на НАТО, со повик за строго почитување на меѓународните санкции.

– Луѓето во Романија никогаш не биле во опасност, но ваквите акции на Русија се неприфатливи и непромислени. Романија го осудува ваквото однесување и презема мерки за заштита на својот суверенитет и безбедност, истакна Цоју во објава на социјалната мрежа Икс.

Таа додаде дека романските власти се во постојан контакт со партнерите од ЕУ и НАТО во врска со „провокациите на Русија“ и побара брзо усвојување на нов пакет санкции.

– Мораме ефикасно да ја зголемиме цената на незаконските и провокативни дејствија на Русија преку усвојување на 19. пакет санкции и цел спектар мерки во рамки на операцијата на НАТО „Источна стража“, нагласи Цоју.

Романското Министерство за одбрана информираше дека вчера бил пресретнат руски дрон кој го нарушил воздушниот простор на земјата во близина на реката Дунав. Два авиона Ф-16 го следеле дронот 50 минути додека не го напуштил романскиот воздушен простор, а дополнително биле вклучени и два германски „јурофајтери“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата