Пентагон преку писмено соопштение го детализираше процесот на префрлање илегални мигранти во заливот Гвантанамо, во кое се потврдува дека во поморската база пристигнал авион со десет мигранти.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп почна да ги депортира мигрантите во поморската база Гвантанамо во Куба, изјави во вторникот американскиот секретар за внатрешна безбедност Кристи Ноем.
„Претседателот Доналд Трамп беше многу јасен: Заливот Гвантанамо ќе го има најлошото од најлошо. Тоа почнува денеска“, рече Ноем, споделувајќи слики од мигранти со лисици.
Минатата недела Трамп нареди изградба на центар за притвор за мигранти во заливот Гвантанамо во кој ќе бидат сместени до 30.000 криминални мигранти кои тој ги дефинира како „најлоши криминални илегални странци кои му се закануваат на американскиот народ“.
„Некои од нив се толку лоши што не ни веруваме дека земјите ќе ги задржат, бидејќи не сакаат да се вратат“, рече тој.
Гвантанамо е дом на озлогласениот воен затвор каде што затворениците биле држени и често подложени на тортура со години по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.