Гетс, чие вистинско име е Џастин Кларк-Самуел, 41, е обвинет за незапирање по сообраќајката, што се случила во Илфорд, североисточен Лондон, во саботата, 18 октомври, објави LADbible. Раперот од Вудфорд Грин се појавил пред Судот за прекршоци во Стратфорд во понеделникот, 20 октомври, истиот ден кога младиот човек им подлегна на повредите во болница.
Обвиненијата ќе бидат построги
По веста за смртта на младиот човек, се очекува обвиненијата против раперот на следното рочиште да бидат променети од предизвикување сериозни повреди во предизвикување смрт со опасно возење. Кларк-Самуел моментално е во притвор, а неговото следно судско појавување е закажано за понеделник, 27 октомври.
Полицијата апелираше до секој што можеби бил сведок на инцидентот да се јави со информации. Идентитетот на починатиот маж сè уште не е објавен.
Кој е Гетс?
Гетс е истакнато име на британската музичка сцена. Минатата година настапи на познатиот фестивал Гластонбери, а во текот на својата кариера соработуваше со големи имиња како Скепта, Стормзи и Ед Ширан. Беше член на грајм колективот Nasty Crew, а во 2021 година ја освои наградата Mobo за најдобар машки изведувач. Оваа година му беше доделена и наградата Mobo Pioneer за неговиот придонес во британската црна култура.
Покрај музичката кариера, 41-годишникот се обиде и во глумата, а една од неговите најзначајни улоги е во серијата на Нетфликс „Supacell“, драма за Лондончани кои развиваат супермоќи.
Се соочува со доживотен затвор
Доколку биде осуден, Кларк-Самуел може да се соочи со долга затворска казна. Максималната казна за предизвикување смрт со опасно возење во Велика Британија е зголемена од 14 години на доживотен затвор во 2022 година.
Висината на казната ќе зависи од околностите, како што се користење мобилен телефон при возење или претходни сообраќајни прекршоци. Фактот дека тој избегал од местото на несреќата веројатно ќе биде отежнувачка околност при изрекувањето на пресудата.

