Полска воведе ограничувања за воздушниот сообраќај по должината на своите источни граници со Белорусија и Украина, објави денеска Оперативната команда на полските вооружени сили, во услови на зголемени тензии еден ден откако повеќе беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на членката на НАТО.
Полска, со поддршка на авиони од нејзините сојузници на НАТО, вчера во својот воздушен простор собори беспилотни летала за кои се сомневаше дека ѝ припаѓаат на Русија, што е прв познат случај членка на западната воена алијанса да отвори оган за време на војната на Русија во Украина.
„На барање на Оперативната команда на ограноците на вооружените сили... ограничувањата за воздушниот сообраќај ќе бидат воведени во источниот дел на Полска во форма на ограничена зона EP R129“, соопшти полската Агенција за контрола на воздушниот сообраќај во своето соопштение лиферувано доцна синоќа.
Ограничувањата стапија во сила на полноќ и важат до 9 декември, се додава во соопштението.
Летовите во ограничената зона се забранети од зори до самрак, освен за летала со екипаж што работат во согласност со план за лет и со соодветни транспондери и одржуваат двонасочна комуникација со властите, соопшти агенцијата.
Воените летови и некои повикувачки знаци и летови со посебна намена се исто така ослободени од ограничувањата.
„Од самрак до зори има целосна забрана за летање со исклучок на воените авиони... Во зоната EP R129, има 24-часовна забрана за летање на цивилни беспилотни летала“, соопшти агенцијата.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека неговите беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но дека не планираат да погодат никакви цели во Полска.