Туск ги повика своите сонародници во САД, истакнувајќи дека Полска значително се променила и дека секој кој сака да работи може да најде пристојна работа.
- Не знаеме колку Полјаци може да бидат засегнати, но гарантирам дека ќе бидеме подготвени, изјави Туск, повикувајќи ги Полјаците да ги обноват документите и пасошите. Според податоците од 2010 година, во САД неформално живеат околу 100.000 полски мигранти.
Полските медиуми посочуваат дека голем дел од Полјаците го поддржаа Трамп на претседателските избори во ноември, убедени дека најавените депортации ќе се однесуваат само на мигрантите кои доаѓаат преку Мексико, а дека нема од што да се плашат оние кои дошле со туристички визи или да студираат и останале илегално за да се обидат да го остварат својот „американски сон“.
- Ќе ги пречекаме сите Полјаци кои се враќаат во својата татковина со раширени раце. Во Полска секој може да си ја најде својата Америка. Многу работи се променија во последните години и секој што сака да работи во Полска ќе најде соодветна работа, рече полскиот премиер Туск, обраќајќи им се на Полјаците во САД.
Тој истакна дека уште пред инаугурацијата побарал од министерот за надворешни работи Радослав Сикорски да подготви конзулати во САД за да бидат подготвени за евентуални депортации на Полјаци, а Сикорски ги повика Полјаците брзо да ги средат своите документи доколку им истече рокот на пасошот.
„Новата американска администрација не информираше за деталите, така што не знаеме колку тоа ќе влијае на Полјаците кои се во САД во различни статуси, и легално и нелегално. Можеби нема причина за страв, но ве уверувам , ќе бидеме подготвени“, рече Туск.
Полјаците во САД беа вознемирени од најавите дека прва мета на сузбивањето на илегалните имигранти ќе биде Чикаго, во кој има голема полска дијаспора, бидејќи и за време на првиот мандат на претседателот Трамп, многу Полјаци без правен статус во САД се плашеа дакористат здравствена заштита или патување со автомобил од страв да не бидат уапсени за некој тривијален сообраќаен прекршок.
„Полјаците се многу комплицирана група. Многумина дојдоа да студираат и останаа подолго. Во еден момент сфатија дека поминале 25 години и дека немаат причина да се вратат во Полска и дека нема лесен начин да го легализираат нивниот престој“, изјави за информативниот портал Onet.pl Каролина Лукашевич од Центарот за миграциски студии на Универзитетот во Варшава.
Војчех Квјатковски, адвокат од Универзитетот „Кардинал Вишински“ во Варшава, рече дека оние кои го прекршиле законот, направиле прекршок или едноставно се запрени од полицијата и немаат задолжително осигурување на возила, имаат причина да се плашат.
- Многумина кои нелегално живеат во САД плаќаат даноци легално, па дури и основаат и водат бизниси. За работодавачите е важно само дали имаат матичен број, а тој може да се добие и без легален престој. Како човек кој градел во Њујорк, Доналд Трамп добро ја знае улогата на мигрантите во американската економија. - Тој самиот ги ангажираше на своите градилишта, се сеќава Квјатковски, додавајќи дека илегалните мигранти, главно Полјаци во тоа време, исто така масовно работеле за Трамп.
Квјатковски е убеден дека технички е невозможно да се депортираат толку милиони колку што најавува Трамп и дека бомбастично најавените депортации ќе завршат со автобуси кои пред медиумските камери ќе ги носат илегалните мигранти осудени за злосторства или прекршоци од затвор.
- Полициските рации на градилишта или работни места би ги налутиле деловните луѓе. Би избиле тепачки, а Трамп секако не сака во светот да бидат објавени слики на Американци кои се борат со федералните власти за да ги заштитат своите соседи, рече Квјатковски.
Соединетите Американски Држави се дом на најголемата дијаспора во светот, со околу 10 милиони луѓе со полско потекло, од кои околу 600.000 зборуваат полски на дневна основа.