Покрената истрага против неколкумина насилни учесници на синдикалните протести во Брисел

16.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Покрената истрага против неколкумина насилни учесници на синдикалните протести во Брисел

Обвинителството информира дека против три лица е покрената постапка поради „криминален заговор“ поврзан со палење и уништување на туѓ имот, а против две други за „бунт“ и „оштетување на сообраќајна опрема“.  

Дополнително, истрага е покрената уште против неколку лица поради „нанесување штети“ на зградата на белгиската Канцеларија за имиграција. 

Според првичните наоди од истрагата, неколку лица облечени во црно, маскирани и со опрема за заштита на очите, го искористиле синдикалниот протестен марш за да извршат акти на насилство и потоа се „стопиле“ со демонстрантите.  

На видеа објавени од инцидентот пред Канцеларијата за имиграција се гледа како десетици маскирани лица облечено во црно маваат со кеси со боја, петарди и други предмети кон зградата, додека крај нив минуваат учесниците на синдикалниот марш. 

По инцидентот, полицијата соопшти дека уапсила неколку десетици лица при судири меѓу полициски припадници и маскирани учесници на синдикалниот протестен марш. Полицијата информира дека интервенирала за да го спречи насилното однесување, при што употребила солзавец и водени топови. 

Пред почетокот на протестот полиција приведе и неколку лица поради, како што соопшти, вандалско однесување, уништување и палење на скутери и градежни скелиња и огради. Според полициското соопштение, станувало збор за лица кои се подготвувале за учество во протестниот марш.  

Бриселската полиција вчера соопшти дека привела и 19 лица осомничени за учество во насилни протести во вторникот вечерта во бриселската населба Сен Жил, при што биле запалени неколку скутер и палети.  

Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги осуди овие инциденти и повика на построг однос кон демонстрантите.  

Франкен во објава на Икс наведе дека полицијата требало да употреби гумени куршуми против „антифашистичката екстремна левица“. 

- Секогаш е исто во оваа земја. Полицијата мора да го користи ФН 303 против овој смет, како што прави полицијата во Лос Анџелес, наведе министерот во објавата.  

ФН 303 е полуавтоматска пушка наменета за справување со учесници во немири, која е класифицирана во категоријата „помалку смртоносно оружје“. ФН 303, која ја произведува фабриката за оружје „Херстал“ од белгискиот град Лиеж, во Белгија се користи само во „исклучителни ситуации“. 

Организацијата „Амнести Интернешнл“ (АИ) меѓутоа тврди дека со ова „помалку смртоносно оружје“ ширум светот се убиени неколку десетици лица, а голем број други се здобиле со фрактури на черепот или коските, трауми на главата, внатрешни повреди, крварења, па дури и пункции на срцето и белите дробови предизвикани од скршени ребра. Дополнително, според АИ, регистрирани се и повреди на очите, што понекогаш резултирала и со целосно губење на видот. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата