Еден од најгласните критичари на Унгарија во Брисел, германскиот европратеник од редовите на зелените, Даниел Фројд, денеска поднесе кривична пријава против унгарскиот премиер Виктор Орбан за обид за хакирање на неговата е-пошта со помош на шпионски софтвер пред изборите за Европскиот парламент.
Даниел Фројд е познат како еден од најактивните застапници за замрзнување на средствата од ЕУ за Унгарија и ја предводеше иницијативата за суспендирање на претседателството на Унгарија со Советот на ЕУ минатата година.
Како што објави Политико од Брисел, Фројд и германската невладина организација „Друштво за граѓански права“ побараа од обвинителството во германскиот град Крефелд и од властите за сајбер криминал да отворат истрага, наведувајќи го Орбан и „непознати сторители“ во жалбата.
„Постојат индикации дека унгарската тајна служба стои зад нападот“, се наведува во заедничкото соопштение на Фројд и организацијата.
Во жалбата детално е опишана сомнителна е-пошта што пристигнала на е-поштата на Фројд во Европскиот парламент кон крајот на мај 2024 година.
Испраќачот се претставил како украински студент и го замолил европратеникот да напише кратка порака за својот став за пристапувањето на Украина во Европската унија, со прикачен линк, до кој Фројд не пристапил.
Потоа Европскиот парламент го информираше Фројд дека врската содржи шпионски софтвер за кој се верува дека е произведен од израелската компанија „Кандиру“, која е на црната листа на американската влада за кршење на човековите права од 2021 година.
„Според ИТ експертите на Европскиот парламент, постои сомневање дека унгарската влада стои зад обидот за прислушување. Ова не ме изненадува. Орбан ја презира демократијата и владеењето на правото. Доколку сомневањата се потврдат, тоа би бил скандалозен напад врз Европскиот парламент“, рече Фројд во соопштението.
Фројд и организацијата побараа од обвинителството да спроведе целосна истрага за шпионажа, вклучително и сослушување на сведоци и независна форензичка анализа.