Градското собрание на Барселона објави дека полицијата проценила дека на демонстрациите се собрале 70.000 луѓе.
Луѓе од сите возрасти и многу семејства го исполнија главниот булевар носејќи палестински знамиња или маички со пораки за поддршка на Палестина.
Протестите во Барселона и Мадрид беа најавени пред неколку недели, додека повиците за демонстрации во Рим и Лисабон следеа по израелското пресретнување на флотилата „Сумуд“ со помош за Палестина.
Повеќе од 40 Шпанци, вклучувајќи го и поранешниот градоначалник на Барселона, се меѓу 450-те активисти на хуманитарната флотила, која беше запрена оваа недела од Израел, а активистите од денеска се протеруваат од Израел.
Во последните недели, многу зајакна шпанската поддршка за Палестинците, бидејќи левичарската влада ги засилува дипломатските напори против крајно десничарската израелска Влада на Бенјамин Нетанјаху.
Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно го нарече уништувањето во Газа геноцид и побара забрана за учество на сите израелски тимови на меѓународни спортски натпревари.
Протести се закажани и во многу други шпански градови.
Подоцна денеска, протести треба да следат во Лисабон и Рим.
Над два милиони лица низ цела Италија вчера учествуваа во еднодневниот генерален штрајк во поддршка на народот во Газа.
Повиците за протести во јужна Европа доаѓаат откако Хамас соопшти дека прифатил некои елементи од мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Демонстрантите се надеваат дека можат да предизвикаат повеќе протести и да ги поттикнат европските лидери да заземат построг став кон Израел.