Министрите надлежни за економски прашања и за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки на ЕУ денеска и утре одржуваат неформална средба во Копенхаген посветена на разговори за креирање економски политики во Унијата.
Домаќини на собирот, во чии рамки ќе се одржат три работни сесии, се данската министерка за економски прашања Стефани Лозе и гувернерот на Националната банка на Данска, Кристијан Кетел Томсен.
Неформалното заседание на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ (ЕКОФИН) ќе започне со состанок на Еврогрупата, која ја сочинуваат министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки на Еврозоната.
По ова ќе следат работен ручек на министрите, на кој ќе се дебатира за „Економски последици од регулативата на ЕУ“, како и на посебен ручек на гувернерите на централните банки.
Состанокот продолжува попладнево со првата работна сесија насловена „Поедноставна финансиска регулатива“.
Утрешниот дел на состанокот започнува со втората сесија „Национални структурни реформи за зајакнување на продуктивноста и конкурентноста“, на која ќе учествуваат и претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Неформалниот министерски состанок ќе заврши со дебата на тема „Геополитиката и глобалната економија на крстопат: Сценарија и опции за креаторите на економски политики во Европа и земјите со слични размислувања“ на која на министрите ќе им се придружат и претставници на економскиот тинк-тенк Бругел.
Неформалните Совети на ЕУ се состаноци на ресорните министри на земјите членки на ЕУ на кои само се разменуваат мислења и се дебатира за одредени теми, без да се носат какви било официјални одлуки.