Густ чад може да се види од повеќе од 25 километри оддалеченост.
Извор од Украинската безбедносна служба (SBU) потврди за Kyiv Independent дека беспилотни летала го погодиле објектот во градот Феодосија, предизвикувајќи „голем пожар“. Снимките објавени еден ден подоцна покажаа дека руските окупациски власти сè уште не го ставиле пожарот под контрола.
Каналот Телеграм објави дека „токсичен чад се шири низ градот, видлив дури и од Стар Крим, оддалечен 25 километри, а мирисот може да се почувствува на 10 километри од местото на пожарот“. Повеќе од 800 луѓе се евакуирани од погодената област.
The oil depot in Feodosia is still burning. pic.twitter.com/23QhZTI1hb
— WarTranslated (@wartranslated) October 14, 2025
Втор напад врз истиот објект за една недела
Нападот на Украинците се случил околу полноќ и беше втор врз истото складиште за само една недела - претходниот се случи на 6 октомври. Тоа е мултифункционален терминал кој се користи за претовар на нафта и нафтени деривати помеѓу железнички цистерни, бродови и патни цистерни.
Складиштето во Феодосија, кое се наоѓа на околу 250 километри од територијата под украинска контрола, е најголемото складиште за нафта во Крим и може да собере до 250 илјади тони гориво што ги снабдува руските сили.
Украинските напади ги намалуваат руските капацитети
Во последните недели, украинските сили интензивно ја напаѓаа руската нафтена инфраструктура, клучен извор на финансирање за Москва. Врховниот командант Олександр Сирски на 11 октомври изјави дека капацитетот за рафинирање на нафта во Русија паднал за 21 процент поради украинските напади.
Недостатокот на гориво веќе се чувствува во неколку руски региони, додека Москва го зголемува увозот. Според извештајот на провладиниот весник „Известија“, руската федерална служба за конкуренција е повикана да воведе максимални цени на горивото на бензинските пумпи поради зголемените недостатоци низ целата земја.