Морбидно: Жена по грешка била кремирана во Париз, наместо да ја погребаат во Нормандија

2.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Морбидно: Жена по грешка била кремирана во Париз, наместо да ја погребаат во Нормандија

Французинката Франсоаз (83), која починала кон крајот на јуни, погрешно била кремирана во крематориумот на познатите париски гробишта Пер Лашез, иако нејзиното семејство, во согласност со католичката традиција, планирало погреб во Нормандија, објавува денеска „Ле Фигаро“.

На денот на планираниот погреб, 10 јули, во Париз требало да се одржи комеморација, по што ковчегот да биде транспортиран во Нормандија, каде што е родена Франсоаз и каде што требало да биде погребана.

Меѓутоа, како што истакнува „Ле Фигаро“, се случил сериозен пропуст.

Поради недоразбирање меѓу вработените во компанијата што управува со крематориумот, ковчегот со телото на жената погрешно бил префрлен во кремационата печка.

Погребалниот работник наводно го поставил ковчегот на погрешно место, а техничарот задолжен за работа со печката не извршил стандардни проверки, па телото било кремирано наместо да биде однесено во погребното возило.

„Тоа беше исклучително несреќна човечка грешка. Имаме строги процедури, но вработениот не ги почитуваше тој ден. Тој ја сфати грешката една минута откако телото веќе беше во рерната, но дотогаш беше предоцна - вратата не можеше да се отвори“, рече коосновачот на компанијата.

Градските власти на Париз, сопственици на крематориумот, оценија дека „чинот на кремирање е извршен со јасно кршење на важечките процедури“ и изразија жалење за „особено сериозен инцидент“. Дисциплинска постапка е покрената против техничарот одговорен за грешката, а градот Париз најави внатрешна истрага со цел да се утврдат точните околности, да се идентификуваат пропустите и да се предложат мерки за спречување на слични инциденти во иднина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата