Мнозинството Французи сакаат нови национални избори, покажаа анкетите на јавното мислење денеска, откако опозициските партии изјавија дека ќе ја соборат малцинската влада со гласање за доверба во септември, повторно потопувајќи ја втората економија во еврозоната во криза.
Анкетите укажуваат на растечко незадоволство од политиката и ризик од трајна неизвесност во земјата со малцинска влада и фрагментиран парламент откако Емануел Макрон беше реизбран за претседател во 2022 година. Макрон, чиј мандат трае до 2027 година, постојано ја исклучува можноста за оставка или распишување нови парламентарни избори.
Иако сè уште јавно не коментирал за ова прашање, се чини поверојатно дека ќе најде замена за премиерот Франсоа Бајру, кој завчера објави дека ќе побара гласање за доверба во парламентот за буџетските планови за 2026 година.
Антимигрантска партија има најголема поддршка
Бајру предлага намалувања од 44 милијарди евра, сака да укине два државни празници и да замрзне поголем дел од јавните расходи. Иако се согласуваат дека дефицитот и долгот на Франција се превисоки, опозицијата не се согласува со него за тоа како да се реши проблемот и одбива да го поддржи.
Големо мнозинство Французи сакаат распуштање на парламентот и излегување на гласачки места, според одделни анкети на Ifop, Elabe и Toluna Harris Interactive, со стапки кои варираат помеѓу 56 и 69 проценти. Антимигрантската, крајно десничарска партија Национално собирање (RN) доби најголема поддршка за водење на следната влада во една анкета, но не и мнозинство. Две третини од испитаниците исто така сакаат Макрон да поднесе оставка.
Анкетата на Elabe за BFM TV покажа дека 67 проценти од Французите сакаат Макрон да поднесе оставка ако на Бајру му се изгласа недоверба. Анкетата на Ifop за LCI покажа сличен резултат. „Сакаме да нагласиме дека во секој случај двата сценарија, имено нов премиер или предвремени избори, веројатно би значеле подолг период на неизвесност“, напишаа аналитичарите на Moрган Стенли во белешка.