Курц ја обвини Меркел за подемот на крајната десница во Германија: Без мигрантска политика...

31.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Курц ја обвини Меркел за подемот на крајната десница во Германија: Без мигрантска политика...

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека политиката на отворени граници на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел директно го поттикнала подемот на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која е втора најсилна партија во земјата пред парламентарните избори на 23  февруари, според анкетите.

„Без миграциската политика од 2015 година, АфД не би била ни приближно силна“, изјави Курц за германски „Билд“, велејќи дека игнорирањето на загриженоста на гласачите само ги турнало луѓето на маргините.

Курц се огласи откако Меркел, која ја водеше Германија од 2005 до 2021 година, го критикуваше лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц дека се потпира, за прв пат, на поддршката на АфД за усвојување на предлогот во германскиот парламент за враќање на барателите на азил на границата.

Меркел го обвини Мерц дека го прекршил заветот што го дал во ноември да бара парламентарно мнозинство со главните партии, а не со АфД.

Курц ја отфрли загриженоста дека стратегијата на Мерц е во согласност со екстремната десница, велејќи дека политичарите треба да се водат од принципите, а не од тоа кој ги поддржува нивните политики.

„Стравот од договор со АфД не е изговор за правење погрешни работи“, рече тој, според Политико.

Курц, кој ја предводеше конзервативната Австриска народна партија, некогаш беше поздравен како „чудо од дете“ на австриската политика, а на 31-годишна возраст стана најмладиот лидер на светот.

Тој поднесе оставка како австриски канцелар во 2021 година поради корупциски скандал, кој вклучуваше наводна злоупотреба на јавни средства за манипулирање со медиумите.

Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 23 февруари, а според анкетите АфД е на второ место по поддршка од гласачите, зад демохристијанинот Фридрих Мерц.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата