Кремљ: Русија внимателно следи што се случува во Венецуела

2.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кремљ: Русија внимателно следи што се случува во Венецуела

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на внатрешни документи на американската Влада, пред два дена објави дека Мадуро му се обратил на Путин со писмо „во кое бара одбранбени радари, поправки на авиони и евентуално ракети“, а кое наводно требало да биде доставено за време на посетата на негов висок помошник на Москва минатиот месец.

Во извештајот се додава дека документите содржат и информации за писмо до кинескиот претседател Си Џинпинг, во кое наводно се повикува на „проширена воена соработка“ меѓу двете земји за да се спротивстави на „ескалацијата меѓу САД и Венецуела“.

„Многу внимателно го следиме тоа што се случува во Венецуела“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руските медиуми, додавајќи дека Москва одржува контакти со Каракас бидејќи земјите се обврзани со разни договорни обврски.

-Секако, сакаме сè да остане мирно и да не се појават нови конфликти во регионот. Светот е веќе полн со конфликти. Не се потребни нови конфликти, додаде тој, коментирајќи ги растечките тензии меѓу САД и Венецуела.

Вашингтон од септември веќе изведе повеќе од десетина напади врз, како што вели, бродови за трговија со дрога кои ги напуштаат венецуелските води, при што загинаа најмалку 61 лице. 

САД досега не доставија докази во поддршка на своите тврдења за трговија со дрога, додека Мадуро ги негираше обвинувањата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата