Во соопштението се наведува дека на принцот формално му е врачено барање да го предаде закупот на вилата Ројал Лоџ и дека ќе биде преместен во друга приватна резиденција. Одлуката ја донел кралот Чарлс поради врските на Ендру со починатиот сексуален престапник Џефри Епштајн, објави Би-Би-Си.
Принцот Ендру, осми во редот за британскиот престол, последниве недели повторно е под притисок на јавноста по новите откритија од посмртните мемоари на една од жртвите на Епштајн, Вирџинија Џуфре, во кои таа го обвинува за сексуален напад.
Ендру ги отфрли сите обвинувања, но на почетокот на месецот најави дека повеќе нема да ја користи титулата Војвода од Јорк ниту одликувањето Ред на витези.

