Крај на надежите за квалификувано мнозинство - Бугарија и Грција категорично за зачувување на правото на блокада

3.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Крај на надежите за квалификувано мнозинство - Бугарија и Грција категорично за зачувување на правото на блокада

Ветото и во иднина останува силно оружје за земјите членки на ЕУ. Оптимистичкиот план на првиот човек на Европскиот Совет, Антонио Кошта одлуките во процесот на проширување да се носат со квалификувано мнозинство, наместо како досега со едногласност, и формално пропадна, откако унгарскиот премиер Орбан синоќа по двата самита во Копенхаген јасно порача дека планот е мртов. Но, дека унгарскиот премиер не бил осамен во одлуката стана јасно и по изјавите на бугарскиот и грчкиот премиер, кои категорично застанаа во одбрана на на принципот една земја членка да може да блокира, и во случај, кога сите други се против. Ваквиот став го поддржале и Франција, Холандија, Хрватска и Кипар.

-Промената на гласањето, независно од тоа какво е квалификуваното мнозинство, за чувствителните теми, како проширувањето или повеќегодишната финансиска рамка, создаваат преседан кој не е корисен за довербата во Унијата. , изјави Росен Жељазков, премиер на Бугарија.

-Грција под никакви околности нема да прифати, не само ние, мислам дека ова е и став на многу мои колеги, да ја загуби можноста во кое било време да може да го блокира процесот ако смета дека тоа може да биде штетно за европските или националните интереси. , изјави Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција.

Идејата на Кошта, иако конкретно насочена кон ставање на Украина на брза лента во евроинтеграциите и елиминирање на ветото на Будимпешта, несомнено беше добра вест и за Македонија во однос на евентуалните идни блокади, првенствено од Софија. Орбан порача дека нема да даде зелено светло за Киев, се додека земјата е во војна.

-Многу е едноставно. Во Унгарија имавме референдум. Народот одлучи. Тие рекоа: не би сакале да бидеме со Украинците во ист интеграциски формат, ниту во Нато, ниту во ЕУ. Има идеја да се заобиколи ветото и да се промени на начинот на гласање? Процедурите се правно регулирани многу јасно, а тоа е едногласност. Не поддржуваме друго. , изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Претседателката Сиљановска Давкова која учествуваше на состанокОТ на Европската политичка заедница во Копенхаген порача дека ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западен Балкан во геополитички вакуум.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата