Кошта упати покана до лидерите на ЕУ за учество на неформалниот Самит во Копенхаген на 1 октомври

19.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кошта упати покана до лидерите на ЕУ за учество на неформалниот Самит во Копенхаген на 1 октомври

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска упати покани до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за учество на неформалниот лидерски Самит на 1 октомври во Копенхаген, на кој, како што се наведува во поканата фокусот ќе биде ставен на зајакнување на заедничката европска одбранбена подготвеност и на поддршката за Украина. 

- Неодамнешните нарушување на воздушниот простор на Полска и Романија од страна на Русија се силен потсетник дека мора да ги забрзаме и продлабочиме нашите напори. На претходните состаноци се согласивме дека Европа мора заеднички да направи повеќе во одбраната. Насоката на движење е јасна: градиме Европа способна ефикасно, автономно и заеднички да одговори на денешните и идните закани. Амбицијата што си ја поставивме: решително да ја зголемиме заедничката одбранбена подготвеност на Европа до 2030 година, ја отелотворува таа посветеност, наведува Кошта во поканата. 

Тој, при тоа, ја потенцира потребата за издвојување на дополнителни средства за финансирање на одбраната, за соработка со НАТО и за поддршка на инвестициите во одбранбената индустрија. 

- Секое евро треба да ја зајакне нашата заедничка безбедност и стратешка автономија. Со тоа, исто, така се зајакнува европската одбранбена индустрија, се поттикнуваат иновациите, се зголемува конкурентноста и се создаваат работни места, додава Кошта. 

Од тие парични, Кошта предлага на неформалното заседание на Европскиот совет да се разговара за можностите за забрзување на развојот на заедничките одбранбени капацитети, за поддршка на земјите членки од „источното крило“ на ЕУ и за обезбедување ефикасен политички надзор и координација на поставените цел. 

Покрај ова, Кошта предлага лидерите да расправаат и за начините како да продолжи поддршката на Украина и на напорите за постигнување праведен и траен мир, бидејќи како што нагласува европската безбедност е поврзана со украинската. Во тој контекст, според Кошта, и „процесот на пристапување на Украина во ЕУ мора да остане на вистинскиот пат“.  

- На двете теми - европската одбрана и Украина - ќе се навратиме и на состанокот на Европскиот совет во Брисел кон крајот на октомври, кога ќе ги формализираме нашите насоки. Се радувам што ќе ве видам во Копенхаген, додава Кошта во поканата. 

Неформалните Самити на ЕУ, односно заседанија на Европскиот совет, се собири на кои лидерите на земјите членки на Унијата разменуваат мислења и дебатираат за одредени прашања, но не носат никакви формални одлуки. 

Инаку, ден по неформалниот Самит, лидерите на ЕУ на 2 октомври, исто така во Копенхаген, ќе учествуваат и на седмиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЦ).  

ЕПЦ претставува платформа за неформален политички и стратешки дијалог меѓу лидерите на членките на ЕУ, државите партнери на Унијата од Европа и претставници на клучните европски и меѓународни институции. Целта на ЕПЦ е да ги промовира политичкиот дијалог и соработка и да ги зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата