Крајбрежната стража интервенираше и евакуираше четири лица од бродот покрај брегот на Лисабон. Властите соопштија дека прамецот бил „удрен повеќе пати“ од морските предатори.
Повеќе од 70 „блиски средби“
Едрилицата наводно била на 10 наутички милји од брегот кога орките нападнале. Екипажот бил принуден да повика помош и бродот бил следен до пристаништето Каскаис на југозападот од земјата.
Експертите и локалните организации велат дека имало повеќе од 70 „блиски средби“ меѓу китовите убијци и едрилиците оваа година, објавува Дејли Меил.
Последниот во низата инциденти покрена прашања за безбедноста на туристичките и рекреативните бродови во областите каде што живеат орките, а морнарите беа предупредени да бидат внимателни и да преземат дополнителни мерки на претпазливост кога пловат по атлантските води околу Лисабон.
Китовите убијци нападнаа ненадејно
За потсетување, група орки нападнаа и потопија едрилица во саботата, покрај брегот на Коста да Капарика. Екипажот ги набљудувал делфините кога морските предатори почнале да го удираат трупот на пловилото.
Капетанот на блискиот брод, кој прв дошол на помош, раскажал како се случило сето тоа. Забележал дека едрилицата прави чудни вртења и сфатил што се случува.
Орките го удирале пловилото два или три пати, а нападот траел пет минути. Во еден момент, може да се види како тоне.
Туристичкиот брод успеал да го спаси екипажот, додека морнарицата пристигнала во меѓувреме, и сите биле безбедно транспортирани на брегот.
Што велат научниците?
Јавноста се прашувала што го предизвикало ваквото однесување на морските суштества, а научниците дале можен одговор. Имено, претседателот на организацијата CIRCE од Шпанија, Рено де Стефанис, рекол дека однесувањето на китовите убијци не е „напад“ во класичната смисла на зборот.
„Она што се случува со орките и бродовите не е агресија, предаторско однесување или територијална одбрана. Тоа е повеќе како игра отколку напад“, рекол тој. Китовите убијци, додава Стефанис, не се во илузија дека бродовите се плен, ниту пак ги доживуваат како закана. Тие се најмногу привлечени од долната страна на бродот, особено од кормилото.